Професорката Мирјана Најчевска, на својот Фејсбук профил информираше дека денеска добила две решенија за фрлањето боја на државни објекти за време на Шарената револуција и дека треба да плати казна од 200 евра.
„Јас ова го разбирам како обид да бидам замолчена, како обид да запрам со критика на било кој, кој се наоѓа на власт и обид да биде уништен гласот на оние независните кои не припаѓаат на ниту една политичка партија“, вели Најчевска во својата објава.
Таа најавува дека ќе ги оспори решенијата пред Управниот суд и ќе поведе постапка за дискриминација, а истовремено упати порака до претставниците на Шарената револуција во власта, да преземат нешто за спречување на натамошната виктимизација на учесниците во протестите.
Најчевска еден од најпрепознатливите гестови за време на Шарената револуција го направи со истурање на боја врз полициската станица „Беко“.
Покрај професорката, казни за фрлање боја претходниов период добија и повеќе други активисти од движењето. Дел од казните кои ги доби Ирена Штеријовска беа прикажани и во документарниот филм на Радио МОФ за Шарена ревоулуција.