По јавните реакции, проектот за „зелен покрив“ на ГТЦ ќе се коригира, најави Шилегов

Проектот за „зелен покрив“ на Градскиот трговски центар во Скопје ќе претрпи одредени корекции во консултации со архитектите, најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов одговарајќи на прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Реакциите од граѓаните и експертите беа дека понуденото решение за покривот на ГТЦ не е она што јавноста го очекуваше, дека е избрано без јавен конкурс и дека тоа не кореспондира со вистинскиот концепт на „зелени покриви“.

„Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ, како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку финансирање на истиот и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“ каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определи корекции на проектот“, рече Шилегов.

Градоначалникот посочил дека идејата за „зелениот покрив“ произлегла по спроведените истражувања кои покажале дека покривот на ГТЦ е за 10 степени потопол од останатиот простор околу плоштадот Македонија.