Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува однесувањето на министерот за економија, Крешник Бектеши кон новинарката Милка Смилевска. Имено, велат тие, на новинарското прашање на Смилевска за тоа како неговата сестра се вработила токму во период кога тој станал министер, Бектеши одговори со прашање: зошто новинарите работат во медиумите во кои работат, а зошто не во некои други?
„Го потсетуваме министерот Бектеши, но и останатите министри во Владата дека новинарите се гласот на јавноста и нивна работа е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека министрите треба да дадат одговори на тие прашања. Ова особено важи во случаи кога има сомнежи за злоупотреба на должноста од страна на функционери во власта“, реагира ЗНМ.
Од таму потенцираат дека ова не е прв случај на непримерно однесување на министрите на оваа влада. ЗНМ веќе реагираше на етикетирањето и притисоците кои беа извршени врз новинарите и од други министри, односно од вицепремиерот Бујар Османи, кој, говорејќи за скандалот во ПИОМ, се закани со тужби до сите медиуми кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ.
Исто така, реагираа во контекст на изјавата на министерот Роберт Поповски, каде се сугерираше дека во ТВ Алфа има влијание на структури од претходната власт. Со тоа, ЗНМ сметаат дека коментари со кои на политичка основа се етикетираат медиуми, не придонесуваат за подобар медиумски амбиент и европски вредности.
„Го повикуваме премиерот Зоран Заев сериозно да разговара со своите министри бидејќи ваквите изјави и однесувања се непримерни и директно ја загрозуваат слободата на медиумите и слободата на изразувањето“, се вели во реакцијата на ЗНМ.