Познат терапевт кој се залагал за „терапијата против хомосексуалност“ призна дека е геј

Терапевтот Дејвид Матесон, познат по својата поддршка на „терапијата против хомосексуалност“, соопшти дека е геј.

Матесон беше поддржувач на терапијата која ја промовира идејата дека геј е нешто што треба и може да биде излечено.

Овие терапии се осудени од страна на големите медицински тела, вклучувајќи ги Американската медицинска асоцијација, Американската психолошка асоцијација и Националната здравствена служба на Велика Британија.

Матесон изјави дека знаел оти неговата работа им помогнала на некои луѓе, но е сигурен дека повредил други.

„Не дека ќе се правдам себеси, но сите недостатоци што ги имав како терапевт дојдоа од премногу тесен поглед на она што е емоционално здраво”, напиша Матесон на Фејсбук.

„Тие дојдоа од мојата хомофобија и теснодушност. Навистина ми е жал за тие недостатоци и штетата што сигурно ја предизвикав кај некои луѓе. Се извинувам и за забуната и болката што мојот избор може да ги предизвика кај другите. ”

Матесон ја потврди својата сексуалност оваа недела откако ЛГБТ група извести за приватен разговор помеѓу Матесон и друг поддржувач на терапијата.

Откако приватниот разговор беше објавен јавно, Матесон напиша своја Фејсбук објава за да потврди дека е геј. Матесон изјави дека минатата година сфатил оти мора да направи промена во својот живот и да се разведе од неговата сопруга на 34 години, делумно поради тоа што сметал дека повеќе не може да ја игнорира својата желба да има врска со маж.

Тој претходно изјави дека бил изложен на хомофобија како млад во мормонската црква и добил утеха во терапијата што ја примил за да се справи со сопствената истополова привлечност. Вели дека придобивките од таа терапија и неговата желба да им помогне на луѓето како него, го мотивирале да стане терапевт.

„Терапијата против хомосексуалност“, или „конверзиската терапија“ обично ја користи техниката со разговор, но има документирани случаи на советници кои користат екстремни третмани, како што се лекување со електричен шок и лекови. Матесон изјави дека никогаш не користел такви методи.