„Водовод и канализација“: Пречистителната станица ќе обезбеди услуги за отпадните води на над 500.000 луѓе

Во просториите на „ЈП Водовод и канализација“ – Скопје се одржа состанок на меѓународни и македонски експерти и претставници од скопското претпријатие во врска со имплементирање на проектот за изградба на станица за третирање отпадни води во град Скопје.

„Oвој проект е од големо значење за градот и ќе обезбеди одржливи услуги за третман на отпадните води за повеќе од 500.000 луѓе, како и усогласеност со директивите на Европската Унија за вода и животна средина и најдобрите меѓународни практики во oваа област“, соопштија од „Водовод“.

Инаку, пред околу една година, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, амбасадорот на Франција, Христијан Тимоние и претставникот на компанијата „ЕЖИС“, Мирослав Влахов потпишаа анекс на Меморандумот на разбирање за студијата за финансирање, изградба и работа на Централната станица за третман на отпадни води за град Скопје.

Со анексот се одреди временската рамка за преостанатите активности за зголемувањето на грантот за финансирање на Пречистителната станица. Ова во превод значи – Владата на Франција обезбеди дополнителни 197.863 евра, со што вкупниот износ на грантот сега изнесува 927.182 евра.

Дураку тогаш рече дека Пречистителната станица чини 120 милиони евра и оти очекува договорот за градба да биде склучен најдоцна до 2020 година.

Проектот е почнат од 2014 година, со подготовки за изградба на два базени. Пречистителната станица ја спроведува ресорното министерство, а корисник е Град Скопје, преку ЈП „Водовод и канализација“.