Црквата и градоначалничката на Рим се скараа за паричките фрлени во фонтаната Треви

Секоја година од паричките кои туристите ги фрлаат во познатата фонтана Треви во центарот на Рим се собираат околу 1,5 милиони евра. Сега градоначалничката и католичката црква се скраа околу тоа за што треба да се потрошат овие пари.

Досега средствата традиционално доделувани на католичка хуманитарна организација „Каритас“ за помош на сиромашмните, но сега градоначалничката Вирџинија Раги сака парите да се трошат за санирање на градската инфраструктура.

„Губењето на овие средства ќе биде на штета на сиромашните. Не го очекувавме ова и сè уште се надевам дека тоа нема да биде конечна одлука“, рекол директорот на „Каритас“ Бенони Амбраус.

Градските советници веќе ја одобриле мерката и промената ќе почне да се применува од април. Сепак, многу Италијанци на социјалните мрежи го повикаа советот да ја преиспита одлуката.

Раги дојде на чело на рим во 2016 година како кандидат на движењето против естаблишментот „Пет Ѕвезди“, кое формираше и коалициска влада на државно ниво минатата година.

Нејзината популарност е опадната поради неможноста да се справи со прашањата кои го мачат градот западнат во долгови.

Во октомври илјадници демонстранти изразија незадоволство пред канцелариите на градоначалничката поради проблемите во собирањето ѓубре и уличните дупки во градот.

Фонтаната Треви е стара скоро 300 години и ја посетуваат милиони туристи секоја година.