Протест во сабота поради уништувањето на Попова Шапка

Утре, 12 јануари 2019, во 11 часот, активисти и граѓани кои сакаат да се зачува Попова Шапка ќе излезат на протест кај Жичарата во овој туристички центар.

„ Туризмот што го имаат Струга и Охрид за три месеци, Тетово требаше да го има за дванаесет месеци! Да се мобилизираме што повеќе, за да ја изразиме нашата подготвеност да побараме одговорност од Владата, за да ги преземе потребните чекори кон трајното решавање на проблемите на Попова Шапка “, повикуваа иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“

Од иницијативата веќе побараа средба со премиерот Зоран Заев и другите владини претставници задолжени за развојот на зимскиот туризам. Укажуваат дека постојат реални тешкотии со кои постојано се соочуваат посетителите и бараат Владата детално да ги анализира условите на Договорот со изведувачите на шестоседниот ски-лифт и да преземе мерки за санкционирање изведувачот. Бараат и средување на проблемот со чистење на паркингот од снег, редовно функционирање на ски-лифтовите, обезбедување ред и мир, да се обезбеди 24-часа како и функционирање на амбулантата  на Попова Шапка. Истовремено посочуваат дека треба „ЕЛЕМ АД конечно да се повлече од уништувањето кое се врши на туристичкиот центар Попова Шапка“.