Георгиевска од 02: За загадувањето се потребни храбри чекори, неуспешните да се тргнат и остават место за други

Понекогаш и политичарите треба да сфатат дека нивната политичка кариера треба да ја стават во втор план. Мораме еднаш да сфатиме дека мора да има храбри чекори за загадувањето, ако некој не е успешен во ова, да се тргне и да остави место за друг. Мора да бидат правите луѓе на правите места, за да го мрднеме овој проблем од мртвата точка. И да видиме за неколку години значително намалување, вели активистката Невена Георгиевска од 02 Иницијатива во интервјуто за Радио МОФ.

Граѓани периодов беа активни за различни проблеми. Пред багери стражареа „Го Сакам Водно“, отпад собираа „Не биди ѓубре“, „Здрава котлина“ алармираа за рудниците, а се собираа потписи и против тешка индустрија во Гази Баба. Исторемено, 02 Иницијатива постојано анализира документи и закони, критикувајќи лоши политики за загадувањето. Но, колку е тоа доволно без да проработи и политичката волја? 

Вложуваме многу наше време, со анализи и факти пробуваме да укажеме на проблемите. Сметаме, на таков начин е поголем одзивот и кај населението, во свеста, и кај оние што треба да реагираат. Нашето делување не е сведено само на Фејсбук, имаме и конкретни акции, тука е укинувањето на ДУП-овите, пред година ипол, уредбата за гранични вредности на наша иницијатива беше поткрепена со потписи, петиции, потоа имаме одредени барања пред локалните избори кои направија притисок, бидејќи се добросодржајни. Ги посочуваат проблемите што сметаме дека ќе влијаат во намалувањето на загадувањето.

За политичката волја… Некои сметаме дека го игнорираат проблемот. Прифатија – да, или дадоа ветување дека ќе се реши. Меѓутоа, кога сфатија што се’ треба да се превземе – има многу малку реакција. Од друга страна, оние што знаат дека е многу комплексен проблемот – одат на тоа дека нешто се работи, а самата комплексност на проблемот е покритие за немање резултати.

Пошироката јавност нема доверба во инспекциите. Па и сами граѓани некаде почнаа да патролираат околу капацитети, да ги проверуваат. Зошто јавноста ретко добива инфо за резултати од надзорите од институциите? Се прават ли воопшто инспекции, каков е вашиот впечаток?

Нашиот впечаток е дека има некакво поместување, се прават инспекции. Тука морам да посочам дека Инспекторатот на Град Скопје највеќе реагира. Исто за пофалба е последната акција од Гази Баба. Меѓутоа, она што се посочува од терен, од активистите и од самите граѓани што посочуваат и повторуваат, се гледа дека многу малку се реагира. Многу малку во однос на тоа што се случува на терен!

Одредени општини имаат слаб капацитет со инспектори, не знаеме колку точно излегле на терен. Кога имаат некоја акција, потоа 10 пати истата ја објавуваат. Неусогласен е бројот на акциите, колкав е резултатот, причините за загадување, санционираните загадувачи.

Едноставно, на граѓаните им треба транспаретност! Исто така, инспекциите да бидат достапни 24 часа.

Околу домаќинствата, 02 Иницијатива инсистира на инсталирање на топлински пумпи, инвертори, и секако тука се и фотоволтаици, како иднината на Македонија, а не фосилните горива. Колку сето ова би помогнало во овој сегмент?

Во секој случај, многу треба да помогне.

Меѓутоа, одиме на субвенции на палети, и тоа се даваат на сите што ќе аплицираат. Воопшто не се води сметка дали соодветно се дадени. Може токму тој стан, таа куќа, утре ќе треба да се приклучи на централно, на гасовод, или сосема некоја друга. Не е во ред да правиме краткорочни, туку издржани решенија!

Треба да се направи соодветна анализа во кои делови е подобро фотоволтаици, топлотни пумпи, инвертори, како би функционирале на долгорочен план. Кај нас се случува – копање на улица за приклучок, после два-три месеци пак истото, значи се вртиме во круг! Од друга страна и заради сиромаштијата, ваков начин може е поскап, првично да се делува со субвенции, меѓутоа на долгорочен план е поевтино. Такви анализи кај нас не се направени.

Ни требаат временски рамки со рокови, колку точно средства ќе се потрошат. Резултати после секоја временска рамка и ревизија, за да може да се подобриме.

Инсистиравте и на законите за животна средина и за минерални суровини, но и за почви. За почвите има и мал апсурд – постојат правилници за количество на метали во зеленчуци, но не и за дозволени метали во самите почви. Како сите овие закони би помогнале во поглед на животната средина?

Многу би помогнале. И не се само овие закони. Сметаме дека треба да се направи една група, која би работела само на законите што се од областа на животната средина. Да се направат измени, донесат законите, и тоа да се лобира, да биде брзо.

Законот за почва секако треба да се донесе, ветено ни е дека „е готов и само што не почнал во собраниска процедура“. Будно ќе следиме. Знаеме дека постои и Атлас на загадени почви. Збориме за загадување, аерозагадување, меѓутоа тоа го внесуваме и преку исхраната.

Потребни се и закони околу инспекциите, да се разграничат должностите, одговорностите. Кога нема одговорност, нема казни, нема притисок и се продолжува… Или не се работи на решавање на случајот.

Доколку не се исполнуваат обврските и не се овозможат елементарни услови за живот, можни ли се тужби против државата, како еден вид на граѓанска алатка за неодговорноста кон разните извори на загадување?

Тужбата против државата одамна се споменува. Но, кој би бил ефектот со тужба на државата? Сепак, таа тужба ќе ја сноси народот. Казната, или тужбата што би требало да придонесе е некој вид опомена кон тие што неработат. Така да, сметаме, поефикасно ќе биде казните да бидат насочени кон конкретни личности, носители на функции кои ги плаќаме од наши пари, кои треба да работат за нас, кои потфрлиле во игнорирање, или влошување на проблемот во многу случаи.

Во моментов немаме можност за правна помош, исто така и законите, како што споменав, треба да се подобрат во одреден поглед. Меѓутоа, не се откажуваме! Колку што можеме работиме и бараме да ни се приклучат луѓе, кој сака и може. И секако, кога ќе ги исцрпиме сите можности, и тоа останува. Значи, мора да има некаква одговорност, кога веќе не постои морална одговорност, мора да имаме и кривична, и материјална одговорност за носење несоодветни одлуки.

Џабе ли се сите ветувања и планови ако нема соодветен буџет за животна средина, за кој нагласивте дека почетно би требало 40-50 милиони евра само за РЕК Битола и дел од домаќинстват да почнат да се третираат?

Доколку може, како што тврдат, со малку да се направи – во ред. Меѓутоа, ние немаме време за експерименти и за ризици! Треба да се има одреден буџет, толку и толку средства, ако не се искористат – уште подобро, ќе се пренаменат!

Меѓутоа, мора да бидат обезбедени, за да не се случи после истекот на две години, шест месеци, или седум месеци да кажеме дека се загубени. Затоа што тоа време значи живот за некои луѓе. Ние губиме животи, околу 3.200 годишно според последните статистики, а бројот на заболени, или секаков број на проблеми е огромен. Средствата што се трошат по овој основ се многу поголеми од она што го издвојуваме.

Така да, нема никаква логика да штедиме буџет за загадување, а се даваат пари за сосема други непродуктивни работи!

За да се реши овој проблем е потребна желба, волја и храброст. Значи, понекогаш и политичарите треба да сфатат дека нивната политичка кариера треба да ја стават во втор план. Дека ова прашање е многу поголемо и ги засега и здравјето, и животот, и идните генерации. Мораме еднаш да сфатиме дека мора да има храбри чекори, ако некој не е успешен во ова, да се тргне и да остави места за друг. Мора да бидат правите луѓе на правите места, за да го мрднеме овој проблем од мртвата точка. И да видиме за неколку години значително намалување.

Бојан Шашевски


*Разговорот со Георгиевска во аудио форма првично е објавен во емисијата Мегафон.
Интервјуто е правено на 20 декември.