Детска хуманитарна претстава „Супер Софи“ на ФДУ

На академската сцена на Факултетот за драмски уметности утре (7 декември) во 18 часот ќе се одржи детската хуманитарна претстава „Супер Софи“ („Super Sophie“).

„Претстава за тоа како Софи успева да си го исполни сонот да стане супер-херој. Во тоа и помага нејзиниот пријател од сонот, Сонко. Низ својот пат таа се среќава со злобниот принц, заробените животни, чуварите и добрата принцеза. Таа ќе се бори за доброто, а дали ќе победи останува да видиме!“, стои во најавата за претставата по сценарио и режија на Изабела Јакимова.

Во претставата играат: Нина Елзесер, Бранко Атанасов, Енџи Николоска, Јована Спасиќ, Ведран Чешарек, Тамара Трајковска, Борјан Зенделов и Изабела Јакимова.

Претставата е направена во соработка со ЕМСА Македонија, како дел од „Best Buddy“. проект кој овозможува работа со лица со посебни потреби.

Проектот им го доближува контактот на студентите на медицина при УКИМ кон лицата со посебни потреби во соработка со студентите од Институтот за Дефектологија при УКИМ.