Ако возот доцни, ќе ви се вратат парите – Европскиот парламент со нова уредба

Со мнозинство гласови, Европскиот парламент вчера донесе Уредба со која се зајакнуваат правата на патниците во железничкиот сообраќај.

Според неа, доколку возот доцни од 60 до 90 минути, патниците имаат право да бараат да им се врати 50 отсто од износот кој што го платиле за картата. Ако возоот доцни од 1,5 до 2 часа – се враќа 75 отсто од надоместокот, а за доцнење повеќе од 2 часа патникот има право да бара целосно рефундирање на средствата.

Патниците овие права ќе можат да ги остварат дури и ако доцнењето е предизвикано од лошите временски услови. Предлогот ги обврзува железниците да обезбедат простор за велосипеди, но и да го информираат патниците за сите нивни права.

„Парламентот сериозно ги сфаќа правата на потрошувачите, па затоа предлагаме повисоки надоместоци во случај на одложувања и сакаме да се осигуриме дека патниците кои во своето патување вклучиле повеќе станици и на кои им се издадени посебни билети, да имаат целосна заштита на правилата“, рече европскиот пратеник Богуслав Либерацки.