Регионот на Париз планира да создаде најголем возен парк на електрични велосипеди во светот

Регионот на Париз ќе овозможи голема понуда на електрични велосипеди преку јавно финансираната програма која има цел граѓаните да користат велосипеди за својот секојдневен превоз на работните места за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето.

Од септември 2019 година, регионалната транспортна агенција на регионот Ил де Франс (ИДФМ), ќе обезбеди 10.000 електрични велосипеди на долгорочно изнајмување, со намера бројката на е-велосипеди да се подигне на 20.000 со што ќе стане најголемата програма во светот за изнајмување на овие превозни средства.

Сервисот наречен „Велиго“ сака да го охрабри велосипедскиот превоз кој во моментов изнесува само 1,6 проценти од сите дневни превезувања во регионот на Париз. Оваа мерка ќе се спроведува заедно со досегашната „Велиб“ програма, која повеќе беше фокусирана на централниот дел на главниот град и која служеше како пример за споделување на велосипеди, но се соочуваше со проблеми во функционирањето.

За разлика од „Велиб“ велосипедите, кои беа изнајмувани на час и мораа да бидат вратени на посебни станици по користењето, „Велиго“ ќе овозможува корисниците да ги задржуваат велосипедите, кои можат да ги изнајмат за 40 евра месечно – половина од средствата субвенционирани од нивните работодавци.

Иницијативата е драстичен чекор на Валери Пекрес, конзервативниот лидер на регионот Ил де Франс, која често знае да се судри со левичарската градоначалничка на Париз, Ан Хидалго, околу еколошките и транспортните проблеми.

„Електричните велосипеди имаат огромен потенцијал. Тие се ефикасен и еколошки начин за да се пропатуваат пократки растојанија кои можат да го заменат автомобилот“, изјавила Пекрес.

Таа додава дека „Велиго“ ќе овозможи на корисниците да ги пробаат е-велосипедите, а потоа можеби и да ги убеди да си купат сопствен. Квалитетен електричен велосипед чини меѓу 1.500 и 2.000 евра.

За разлика од „Велиб“, сервисот „Велиго“ е повеќе насочен кон поширокиот регион на главниот град на Франција, во кој живеат 10 милиони луѓе и кој претставува третина од целата економија на земјата.