Конкурс за првата стрип награда „Лифт“

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ годинава, 2018, за прв пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип. „Лифт“, инаку, беше име на списанието за стрип кое излегуваше од 1996 до 2001 година, а денес е име и на угледна графичка едиција. Наградата „Лифт“ ќе се доделува еднаш годишно.

Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на Република Македонија кои ќе испратат сопствени авторски стрипови, до 16 табли (или страници). Предвидени се три награди од 300, 200 и 100 евра за најдобро оценетите автори.

Организаторите на конкурсот најавуваат и можност за изложба и печатење на најдобро оценетите дела.

Стриповите треба да се испраќаат, скенирани, по електронска пошта, до 31 декември 2018 година, на следнава адреса: stripnagradalift@gmail.com

Доделувањето на наградата ќе се случи во јануари 2019 година.

„Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, посочуваат организаторите.

Жирито на наградата „Лифт“ го сочинуваат: Никола Гелевски, Јана Јакимовска, Ласко Џуровски и Владимир Битољану. Донатор на првото доделување на наградата „Лифт“ е Град Скопје. Мејл за контактирање:  stripnagradalift@gmail.com