Младите од Делчево – Кој не е иселен е во кафуле или обложувалница

Зоран, Димитар и Трајче ги затекнавме во кафулето „Валиум“ во Делчево како разговараат за нивните секојдневни проблеми. Иако е пладне, кафулето е полно со млади момци и девојки. На масата се менуваат луѓето. Некој станува, друг седнува. „Ова е нашето секојдневие“, објаснуваат тројцата.

Трајче е невработен, Зоран стажира кај приватен стоматолог, додека Димитар работи на проекти во невладиниот сектор. Тројцата велат дека иако физички се во Делчево, во мислите  постојано размислуваат за заминување од градот.

„Делчево е заборавено место. Овде се дружиме, пред работа, после работа. На кафе, на пиво. Работите се движат на полошо. И од тие, што знаевме дека ќе останеме тука, 80 проценти си заминаа. Едноставно нема работа за млад човек“, објаснува 26-годишниот Зоран Стоименоски.

„Спас е само приватно, ама за тоа нема секој услови бидејќи ти се потребни пари. Со мојата струка може да се почне приватно, но не сум сигурен дали ќе останам. Гледате и сами каков е трендот на иселување. Пусто е и празно. Џабе и да отворам бизнис, кога нема да имам пациенти“, додава тој.

Регионот во последните години е препознатлив и поради проблемот со вадењето бугарски пасоши. Голем број луѓе во овој документ гледаат можност за решавање на својата егзистенција.

„Бугарскиот пасош не е проблем, тоа е излез!“, одговара 29-годишниот Димитар.

„Секој размислува за бугарски пасош. Лесно е да се дојде до него бидејќи имаме роднини таму. Се чека и по 3-4 години за тоа, но сите кои имаат шанса поднесуваат, бидејќи на Запад се бара работна сила. Не е којзнае колку платено, но тука што и да работиш тие пари не можеш да ги заработиш. Тука е тешко да се успее како млад човек. И да сакаш да почнеш некој бизнис, нема кој да работи. Не знам за пример на млад човек кој од нула изградил кариера. Претежно тие се веќе во странство“, додава тој.

Текстил, кафулиња и обложувалници

Во недостаток на активности со кој би го пополнувале времето, младите велат дека кафулињата се централното место на социјалниот живот во градот. Наутро се пие кафе и се разменуваат новостите, а навечер се врти табла. И покрај убавото време, пространото шеталиште покрај реката Брегалница и централниот плоштад изгледаа пусто.

Момците со кои пиевме кафе, раскажуваат дека животот им е ист како пред 10 години. Единствената промена во меѓувреме е тоа што многу нивни пријатели ја напуштиле земјата. Засекогаш.

„Работам дома, на реновирање на куќата и доаѓам овде на неколку пива. Тоа е моето секојдневие и така е веќе една година. Бев во странство и се вратив во Делчево, но уште не сум одлучил дали би останал овде. Ако најдам некоја работа со која би земал над 30 илјади денари би останал. Затоа што тоа е мојата пресметка. За егзистенција на моето семејство потребни ми се по илјада денари дневно. Повеќе би сакал да останам овде, но само под овој услов“, објаснува Трајче, кој заедно со сопругата наскоро очекуваат принова.

Новинарот Емил Десподов е еден од ретките примери на луѓе кои се вратиле во Делчево. Откако пред скоро една година останал без работа во Скопје, се решил на тој чекор за помирен живот за малата ќерка и поради тоа што поголемиот дел од заработката во главниот град одела на кирии и сметки.

Иако веќе не се бави активно со новинарството, вели дека сака да придонесе за развој на градот. Сепак не ја отфрла можноста повторно да биде принуден да го напушти Делчево.

Емил Десподов

„Знам дека на мојата ќерка овде нема да и биде плодна почва да просперира во животот. Би сакал да и овозможам шанса да направи нешто со себе и за општеството во кое живее, но мислам дека овде во Делчево тоа не е можно сè додека сите заедно не се стегнеме да направиме нешто за сите нас“, одговара тој.

Делчевци велат дека за разлика од пред десетина години, културниот живот во градот замрел. Кино-салата ретко прикажува филмови, а последните три месеци имале само еден концерт на централниот плоштад на кој имало огромна посетеност, што покажува дека граѓаните сакаат такви настани.

„Не можеме со другарите да се договориме да одиме на театар или концерт, затоа што ништо не се случува. Она што можеме е да седнеме во кафуле, на кафе или пиво и така да ни поминува времето“, раскажува. „Овде во Делчево тешко може да се најде работа. Индустријата главно е текстилна и дрвна, а останатото се ресторани, кафулиња, обложувалници и казина, тоа е главната преокупација на младите во Делчево“, вели Десподов.

„Решена сум да живеам тука“

Делчевци се прилично поделени и по партиска линија. Од 10-те илјади граѓани кои гласаат на изборите, во 2016 година ВМРО-ДПМНЕ освоиле 250 гласови повеќе во општината, додека лани дојде до смена на локалната власт, откако со 1.000 гласови разлика за нов градоначалник беше избран Горан Трајковски, кандидат на СДСМ.

Една година подоцна, Десподов смета дека новата локална знае да ги сослуша нивните барања, но не прави ништо во врска со тоа.

„Генералното расположение е дека ништо се нема сменето. Една политичка гарнитура се менува со друга и повторно преовладува тој политички реваншизам. Имаше пример кога наставник по физика, во основното училиште, веднаш по смената на власта го сменија и на негово место ставија астролог! Немам зборови да опишам колку е тоа лошо за младите и како тоа влијае врз расположението. Со такви примери луѓето одбиваат да излезат на гласање и сè повеќе се врти на некој политички сеир“, заклучува разочарано.

Иако една година е прекраток период за да се даде конкретна оценка Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување – Делчево, невладина организација која самостојно постои веќе 12 години, смета дека има позитивни промени.

Родне Деолска

„Правиме многу состаноци со претставници на локалната самоуправа и тука заеднички се лоцираат проблемите и се изготвуваат решенијата, за кои општинската власт е отворена. Сè се прави во консултација. Во малите градови секој со секого се знае. Има промени во општинската гарнитура, но тие немаат негативно влијание врз граѓанскиот сектор. Луѓето со кои комуницираме останаа исти, а комуникацијата продолжи на професионално ниво“, објаснува таа.

Како пример за добриот однос Деолска ја издвојува изработката на Стратегијата за соработка на општината со невладиниот сектор. Четиригодишен стратешки документ, прв од таков вид помеѓу општините од источниот регион. Деолска потенцира дека токму младите, особено оние во социјален ризик, ќе бидат фокус на нивната организација во следниот период.

„Проблемот, како во цела источна Македонија, е иселувањето и вработувањето. Од нашите истражувања младите не се пронаоѓаат во помалите градови и сметаат дека немаат простор каде да го искористат нивното знаење. Тука е и блискоста со Бугарија. Поголемиот број студенти заминуваат на студии таму и не ни размислуваат за враќање назад“.

Но, 26-годишната Деолска вели дека не планира да го напушти градот.

„Факт е дека нема многу млади. Една сум од тие кои решила да живее тука и мислам дека ограничувањата ни се во самите во себе, а не оние кои ни ги прави општеството. Затоа што во малите места има поголеми можности да се развиеш во некоја област. Има малку – а може да има сè. И тие можности треба младите да ги распознаат, а локалната самоуправа да го даде поттикот. Искрено се надевам дека во иднина ситуацијата ќе се смени на подобро“.

„Нов имиџ на општината“

Во една од најзадолжените општини во Македонија, каде се било застанато и каде била загубена довербата во институциите работите тешко се менуваат веднаш, вели градоначалникот Горан Трајковски, кој на нашите прашања одговараше по писмен пат, бидејќи не беше во градот за време на нашата посета.

„И јас би сакал преку ноќ да се решат работите, но не може нешто што 10 години е урнисувано да се реши за една година. Но, почнавме отпочеток и продолжуваме. Верувам и дека впечатокот на моите сограѓани е повеќе субјективен и ги разбирам, но сакам да порачам дека треба да имаат доверба дека работиме максимално да ги придвижиме работите напред и да го оствариме тоа што сме го ветиле“, додава Трајковски.

Градоначалникот вели дека за една година примил преку 1.300 граѓани кои барале решавање проблеми кои не можеле да ги решат со години, по кои веднаш се постапувало. Како пример ги наведува чистењето на 100 километри земјени пристапни патишта во селата и каналите за наводнување до земјоделски површини, како и 25 милиони денари инвестирани во патната инфраструктура.

„Работиме по приоритети и максимално сме ангажирани да изградиме нов имиџ на општината. Граѓаните треба да веруваат дека довербата која ми ја дале, максимално сум посветен да ја оправдам“.

Пред градоначалничката функција, Трајковски работел како професор по математика и вели дека многу добро знае како проблемот со иселувањето се одразува во општината. Решението го гледа во поголема конкуренција во бизнисот и користење на државните и европските мерки и финансии кои им се на располагање.

„Верувам дека покачувањето на платите е најадекватната формула за стопирање на оваа појава, но и подобрување на квалитетот на животот. Согласно со ингеренциите на општината, она што го направивме е да бидеме ефикасни како администрација, но и да го анимираме бизнис-секторот, нашите деловни партнери, за да инвестираат во Делчево. Го организиравме првиот Бизнис-форум, каде пред 120 претставници од бизнис-секторот од регионот и соседните држави, како и наши иселеници, ги промовиравме потенцијалите за развој на Делчево. Од овој форум веќе ги имаме првите резултати-заинтересирани инвеститори да отворат производствени капацитети во Делчево, да инвестираат во развојот на туризмот на Голак и слично“, објаснува Трајковски.

Градоначалникот додава и дека иако не се богата општина, прават сè за подобрување на културната понуда. За следната година најавува повеќе културни настани и отворање на локалниот музеј „Пијанец“.

Партија или професионализам?

Локалната администрација во Делчево беше помеѓу трите општини кои ги анализираа од ЏЕФ Македонија во нивното последно истражување. Претседателот на организацијата, Иван Николовски објаснува дека најголем дел од вработените сметаат дека е потребно одвојување на партиското влијание од локалната администрација.

„Во најголем дел проблемите од она што го истакнуваа вработените се однесуваат на премалку вработени на раководните и носечките функции. Дополнително беа наведени проблемите наследни од претходниот градоначалник особено на вработувањето на партиски кадри токму во раководните структури, а од друга страна деградирање на претходно вработените“, вели Николовски.

Според него, од Општината максимално ги испочитувале роковите за одговори на нивните барања за информации од јавен карактер, сепак, додава, многу прашања од секојдневното работење на општината подлежат на дискрециона одлука на локалните власти. Во однос на транспарентноста при вработувањето, одговорот кој го добиле е дека процесот е транспарентен повикувајќи се на јавноста на огласите за вработување.

„Потребно е целосно одвојување на партијата од државата, односно ослободување на заробената држава согласно препораките на Прибе. Ова важи и за локалната власт. Од друга страна, потребно е да се работи на зголемена транспарентност во работењето на локалната администрација, како и нејзината отчетност пред јавноста. Тоа би ја подобрило и направило поодговорна комуникацијата со јавноста и сите засегнати страни, односно административните службеници, граѓанските организации, медиумите и самите граѓани“, додава Николовски.

Градоначалникот Трајковски вели дека професионалноста, образованието и капацитетот на луѓето се пресудни во секој избор на кадрите во општинската администрација. Тој напоменува дека сите општински административци и понатаму се на старите места.

„Нема да дозволам да се повтори сликата од 2009 година, кога од работа, под формата технолошки вишок, од општината беа избркани 10 државни службеници – правници, архитекти и слично, со стаж од 5 до 25 години, само поради тоа што беа симпатизери на, тогаш опозициската, СДСМ. А паралелно се примаа „подобни“ партиски кадри, без искуство, со што беше ослабен капацитетот на администрацијата во општината“, вели Трајковски.

***

На заминување од Делчево, Десподов не испраќа со порака дека промените ќе започнат само со промена на менталитетот кај граѓаните. Но, според него, кај луѓето нема иницијатива која би поттикнала градот да се менува.

„Можно е да мислат дека работите не можат да се сменат, можно е и да планираат живот надвор од градот, а можно е и да се преокупирани со сопствени проблеми па не сакаат да се замараат со тоа. Меѓутоа треба да се работи на младите, барем основците, бидејќи средношколците веќе ги „изгубивме“. Општинските власти како да се фокусирани на проблемите на постарата генерација, наместо да се обидат да ја искоренат онаа летаргичност која е всадена кај помладите“.

Даниел Евросимоски

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Ништо друго не е важно? Случаи на корупција во вработувањето на јавните службеници во локалните самоуправи во Македонија“ поддржан од страна на Метаморфозис, Фондација за интернет и општество во рамките на проектот ACTION SEE. Мислењата и ставовите наведени во него се целосно на авторите и не ги одразуваат мислењата и ставовите на донаторот.