Поетот Никола Маџиров потпиша договор со шпанската издавачка куќа „Пре-текстос“

фото: Утрински весник

фото: Утрински весник

Македонскиот поет Никола Маџиров со договор со една од најголемите шпански издавачки куќи „Пре-Текстос“ со свои канцеларии во Мадрид, Буенос Аирес и Валенсија, за издавање книга избор поезија, насловена „Изреченото нè прогонува“.

Таа ќе биде објавена двојазично, на шпански и македонски јазик, во поетската едиција во која се објавени Волт Витман, Ник Кејв, Вилијам Блејк, Маларме, Бодлер, Пушкин, Песоа, Ингеборг Бахман, Готфрид Бен, Тракл, Киплинг, како и пет поети лауреати на Струшките вечери на поезијата: Алберти, Ив Бонфоа, Вилијам Мервин, Хју Одн и годинашниот победник Пачеко.

Маџиров е прв балкански автор објавен во таа едиција. Неговата поезија на шпански јазик веќе се објави во неколку списанија во Шпанија, Аргентина, Мексико, Колумбија, Чиле, Перу, Никарагва …

„Пре-Текстос“ е познат како издавач на шпански јазик на Марсел Пруст, Шекспир, Витгенштајн, Бодријар, Валтер Бенјамин, Жижек, Луис Буњуел, Анри Мишо, Слотердајк, Пол Остер, Набоков, Толстој, Гатари, Хандке, Фуко и други автори. Преводот на поезијата го направија Марија Петровска и Јоланда Кастањо. Шпанскиот критичар Хосеп Родригез поезијата на Никола Маџиров ја споредува со убедливоста на филмскиот говор на „Граѓанинот Кејн“, нагласувајќи дека стиховите се така интензивни и блескави поради отсуството на извештаченост.

Маџиров ќе има и промотивни читања оваа пролет во десетина градови во Шпанија, меѓу кои Мадрид, Барселона, Билбао, Гранада, Ла Коруња и други места.

Извор: Cooltura.mk