Mете Расмусен, „Трондхејм војсис”, Сузана Сантош Силва и „Мопо” вечер на СЏФ

Данската саксофонистка Мете Расмусен, женскиот вокален состав „Трондхејм војсис” и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва, настапуваат вечер на Скопскиот џез-фестивал (СЏФ) во Македонската опера и балет. Полноќниот термин во Младинскиот културен центар е резервиран за финското џез-трио „Мопо”.

Мете Расмусен е данска саксофонистка којашто живее и твори во Трондхајм, Норвешка. Таа е истакнат претставник на новиот бран екстремни инструменталисти-импровизатори. Заснована врз енергијата на фри-џезот, нејзината беспрекорно остра, непредвидлива и длабоко структурирана музика е опишана како „глава полна со идеи“ – еден тон совршено изведени музички каприци. Континуирано испитувајќи го звучниот потенцијал на саксофонот, Расмусен користи низа различни техники и придонесува кон проширување на азбуката на инструментот. Во соло проектите, како и во соработките со други музичари, таа ја рекапитулира сопствената, лична, визија за улогата на саксофонот, честопати претворајќи ја во целосно физичко искуство. Нејзините настапи ги обединуваат публиката и уметникот и ја овоплотуваат енергијата на таа врска. Актуелна и постојано барана, таа настапувала заедно со музичари како Алан Силва, Крег Тејборн, Крис Корсано, Матс Густафсон, Пол Ловенс, Аксел Дорнер, Мо, Џон Едвардс, Бери Гај и Зина Паркинс. Американскиот музички магазин „Downbeat“ ја нарече „млада скандинавска саксофонска сензација“.

„Трондхејм војсис” (Trondheim Voices) е револуционерен и иновативен норвешки ансамбл составен од вокалистки-импровизаторки, постојано предизвикувајќи ја и менувајќи ја структурата на композицијата во поглед на тоа како еден вокален ансамбл може да креира уметност на звукот. Цврсто наметнувајќи се на сцената како уникатни креатори на вокалната и импровизирачката музичка уметност уште во 2001-та година, тиe го проширија традиционалниот концертен формат, барајќи нов музички израз во интеракцијата помеѓу пејачките, публиката, амбиентот и новата технологија. Во фокусот се индивидуалноста на секоја пејачка и нејзината боја на глас во комбинација со другите гласови, што резултира со извонреден квалитет на колективниот тон.

Сузана Сантош Силва е трубач, импровизатор и композитор од Порто, Португалија. Во последниве години светската музичка критика ја смета за еден од најмоќните нови експоненти на современиот џез и импровизацијата. Со нејзиниот единствен пристап што произлегува од еден опсежен спектар на влијанија, од класичната и современата музика до џезот и текстуралната уметност на звукот, таа покажува интерес за проширување на границите на инструментот и за истражување нови начини на изразување во музиката. Во оваа прилика, на 37-то издание на Скопскиот џез фестивал, Сузана ќе настапи во трио формат, заедно со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Барс, како и со еден од најдобрите тапанари/перкусионисти во џезот, чикашката легенда Хамид Дрејк.

Финското трио „Мопо“ (Mopo), составено од саксофон, бас гитара и тапани, е во центарот на вниманието на светските музички инфлуенсери веќе подолго време, токму поради својата уникатна фузија на панк, џез и инспирацијата од природата во Финска. Moпo (мопед) се движи со забрзување од нула до брзината на светлината, најчесто притискајќи ја гас-педалата, особено кога станува збор за брзо и грубо возење вон градот, во руралните области. Овој моќен состав се формираше во есента 2009-та година. Едноставниот трио формат им овозможува на трите инвентивни импровизатори да истражуваат бескраен број звучни сценографии, што брзо преминуваат од слатки и танцувачки мелодии до најсурови врисоци. Имаат објавено четири албуми: “Jee!”(2012), “Beibe”(2014), “Laivalla”(2016) и “Mopocalypse”(2017).