Физичарот Леон Ледерман, добитникот на Нобеловата награда за физика во 1988 година, почина на 96 годишна возраст.
Ледерман престижната награда ја доби за истражувања на субатомските честички и беше автор на фразата „Божја честичка“, како опис за тогаш само теоретското постоење на Хигсовиот бозон, честичката која на материјата им дава маса. Неговите откритија беа клучни за откривање на оваа честичка во 2012 година.
Американскиот научник ја доби Нобеловата награда во 1988 година, додека пред три години бил принуден да го продаде златниот нобелов медал за 765 илјади долари за да ги плати медицинските трошоци, откако му била дијагностицирана деменција.
Тој починал во дом за стари лица во Ајдахо, потврдила неговата сопруга Елен Кар Ледерман.
Ледерман бил вториот човек кој за време на својот живот го продал Нобеловиот златен медал. Претходно на аукција својот медал го продаде и американскиот генетичар Џејмс Вотсон.
По продажбата на Нобеловиот медал, сопругата на Ледерман изјавила дека „тој уживал во наградата, но чувствува дека е време некој друг кој ја споделува неговата љубов за науката да го добие неговиот медал“.
„Тој се надева дека оваа продажба ќе ја подигне свесноста за важноста на физиката“, додала таа во 2015 година.