[Став] Важноста на вклученоста на младите на референдумот и поволностите од членството во ЕУ

Република Македонија се наоѓа пред еден од клучните одлучувачки моменти во својата понова историја. На 30-ти септември, граѓаните и граѓанките на Република Македонија ќе имаат можност да се изјаснат за Договорот од Преспа, договор со кој се става крај на речиси тридеценискиот спор за името со Република Грција. Договорот од Преспа исто така ги отстранува клучните пречки и отвора перспективи за евроатланските аспирации на државата, односно членството во ЕУ и НАТО.  Во моментов на терен се водат неколку активностите поврзани со референдумот кои можат да се групираат во три поголеми групи: кампањи за поддршка на референдумот, кампања за бојкот на референдумот и кампањи кои по својата природа се информативни без зазмење на конкретна позиција. Во оваа колумна зборувам за потребата од активна вклученост на младите во референдумскиот процес преку искористување на уставно загарантираното право на глас, како и за поволностите што членството во ЕУ ги нуди за младите луѓе.

Референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните. За да се разбере важноста на непосредното изјаснување најнапред е потребен краток осврт на историската борба за право на глас. Во минатото гласачкото право било ограничувано со полот, имотната состојба, општествениот статус и годините на граѓанинот односно гласачот. Со развојот на демократијата гласачкото право се проширило на сите граѓани на една држава без дискриминација по ниту една основа. И Република Македонија е дел од групата на демократски држави кои гарантираат право на глас на сите свои граѓани и граѓанки кои имаат навршено 18 години. Во некои држави, како Грција или Бразил, покрај правото на глас, постои и обврска за искористување на гласачкото право. Македонија не е дел од оваа група на држави. Сепак, самото право на глас е бесцелно доколку не се ползува во пракса. Токму затоа, од суштинска важност е што помасовно учество на граѓаните, а особено младите, на претстоечкиот референдум. И покрај тоа што гласачите имаат право да апстинираат од гласање односно да го бојкотираат референдумот, според мене таквиот пристап е поразителен за една демократија од најмалку две причини. Прво, таквиот чин претставува откажување од правото на граѓаните да се занимаваат со јавните работи и да одлучуваат во свое име и по сопствен избор за процеси, политики и прашања важни за државата. Ваквата можност што современите демократии им ја гарантираат на своите граѓани претставува суштински елемент на демократијата како систем на  владеење. Второ, и покрај тоа што граѓаните имаат право да оспорат одредена политика, прашање или процес со тоа со што ќе ја делегитимираат нивната важност, неизлегувањето на претстоечкиот референдум во пракса би значело пренесување на правото на одлучување на други гласачи за прашања кои можат да одиграат клучна улога за иднината на државата, со непосредни и посредни влијанија на животот на граѓаните на истата. Ваквиот пристап е нелогичен и неодговорен.

Во последните години голем дел од граѓаните и граѓанките на Република Македонија, а особено младите луѓе, покажаа голема зрелост преку активното учество во движењата кои алармираа на злоупотребата на власта и подривањето на демократијата. Со нивниот ангажман, младите се спротиставија на стереотипот дека македонската младина е аполитична и пасивна. Нивното учество на референдумот претставува можност да ја оправдаат „титулата“ на критичка маса. Дополнителен поттик за ова може да биде „неискорстената шанса“ на британската младина на референдумот за излез на Обидинетото Кралство од Европската Унија. На овој референдум само 36% од младите Британци помеѓу 18 и 24 години го искористиле своето гласачко право. Од друга страна, од анкетите на јавното мислење може да се види дека 70% од Британците до 25 години гласале Велика Британија да остане дел од Европската Унија, додека во старосната група помеѓу 25 и 49 години поддршката за останување во ЕУ изенсува 56%. Сепак, референдумот за Брегзит го доживеа веќе познатиот исход, а тоа е напуштање на Велика Британија на ЕУ. Постојат анализи кои укажуваат дека доколку излезноста на младите луѓе била поголема, исходот на референдумот би бил сосема поинаков односно Велика Британија би останала држава-членка на ЕУ. Со други зборови, постарите генерации донеле одлука за иднината на помладите генерации, иднина која најверојатно повеќето од нив нема да ја доживеат. Од денешна перспектива, кај многумина во Обидинетото Кралство искуството со Брегзит остава горчлив вкус, Лондон е редовен предмет на потсмев во европските кругови, а одредени политички групи во државата одат дотаму што бараат ново референдумско изјаснување со надеж дека Брегзит би можел да биде поништен.

Оттаму, британското искуство треба да ни служи и како поттик, но и како поука односно предупредување. Ова е особено значајно бидејќи како во Британија, така и во Македонија младите луѓе се најголемите еврооптимисти со значајна поддршка за членството во ЕУ кое претставува стратешки приоритет на државата повеќе од две децении. И покрај тоа што евентуалниот позитивен исход на референдумот не  значи зачленување во Европската Унија по автоматизам, истиот ја отстранува клучната пречка на Република Македонија во овој процес – проблемот со името. Членството во ЕУ им овозможува на младите луѓе професионално да се унапредуваат и да се образуваат во сите држави-членки на Унијата под исти услови како и домашните државјани. На ова се надоврзуваат европските програми за мобилност, доживотно учење и практична работа,  како на пример Еразмус+. Благодарение на овие програми младите луѓе од Европа имаат можност за кариерен развој, стекнување на нови транснационални искуства и познанства и ширење на своите хоризонти надвор од границите на матичната држава. Понатаму, членството во ЕУ подразбира борба против младинската невеработеност преку поддршка во креирањето на работни места што е дополнителна поволност. Членството во ЕУ нуди и можност за патување, живеење и работа во секоја земја-членка без потреба од виза. Ова се само некои од низата поволности кои македонските млади би можеле да ги имаат како идни европски граѓани.

Од горенаведените примери може да се увиди колку е значајно младите да излезат и гласаат на претстоечкиот референдум бидејќи, без разлика на тоа како ќе гласаат, последниците од овој референдум ќе ги чувствуваат токму тие.

Јелена Пероска, Генерален секретар на ЏЕФ Македонија

* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.