„Репер“ – нов македонски е-магазин за култура

„Репер“ - нов македонски е-магазин за култураМакедонската културна публика и уметниците од утре повторно на располагање ќе го имаат возобновениот магазин „Репер“, овојпат во интернет-форма, како единствен македонски специјализиран е-неделник за култура. Замислен како платформа за вмрежување на уметниците од сите области во Македонија и создавање поподобни услови за нивна натамошна комуникација и настап, како во државата така и надвор од неа, магазинот за креација и рекреација ќе тежнее да биде медиумски простор во кој на едно место ќе се обединат сите вешти луѓе, во време кога на општеството бавно му оди да го стори истото во други сфери и области.

Скромно залагајќи се за ширење на наследената и на современата култура и креативност од територијата на Македонија, преку употреба на современите достигнувања во интернет-технологиите и во социјалните мрежи, со објавување авторски текстови, илустрации, видеоматеријали и друг вид мултимедија од областа на креативноста, уметноста, технологијата, вештините, неделникот зад кој стои издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ќе настојува да изврши континуирана промоција на домашниот автор, од најреномираните имиња до личности чие време допрва ќе дојде.

Покрај авторите од различни професии и генерации, членови на потесната редакција на „Репер“ се: Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски и Иван Антоновски – млади креатици кои се надеваат дека на овој начин ќе внесат свежа енергија во медиумскиот простор и ќе стимулираат разгранување на контактите и релациите во рамки на македонската културна сцена. Првиот македонски електронски неделник за култура пред читателите ќе се појавува секоја сабота.

Извор: Плусинфо