Благодарници за учениците што освоија медали и награди на меѓународни олимпијади

Триесетина ученици денеска добија благодарници за нивните учества и освоени награди и медали на меѓународни олимпијади од областа на хемијата, физиката, математиката и информатиката. Благодарниците беа доделени од Агенцијата за млади и спорт, од каде порачаа дека идната година со повеќе средства ќе се поддржува работата на талентираните ученици.

„Секогаш несебично ќе се залагам за поддршка на младите таленти, чија единствена грижа треба да биде нивното надоградување и остварување поголеми успеси, а државните институции се тие што треба да се грижат за сето она друго останато“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски.

Тој го претстави новиот Правилник со кој се дефинираат критериумите и постапката за поддршка на млади таленти, со кој, како што најави, се планираат двојно повеќе средства за идната година.

Правилникот, според Каевски, е основа за изнаоѓање на системски решенија за оваа област, кои ќе се заокружат со донесувањето на Законот за млади, кој е во подготовка и чиј Предлог-текст веќе се  креира заеднички од страна на пратениците, Владата, граѓанските организации и сите засегнати страни.

Средбата беше искористена да се искажат сугестии кои може да се внесат во Правилникот и претставниците на Владата изразија подготвеност да се вметнат сите решенија кои ќе им помогнат и ќе ја зголемат мотивираноста на талентираните ученици и нивните тимови да учествуваат на регионални и меѓународни натпревари.

На настанот, освен учениците, учествуваа нивните родители, професори, ментори и претставници на Друштвото на физичарите, Здружението на информатичарите и Сојузите на хемичарите и технолозите, како и на математичарите, на кои исто така им беа доделени благодарници.