Игор Иванов – Изи сними краткометражен нем филм

Во завршна фаза на пост-продукција е краткометражниот филм „Љубовникот“ по сценарио и режија на Игор Иванов – Изи.

„Љубовникот“ пред неполни два месеци беше снимен на локација во скопската населба Карпош 2, каде што со креативна сценографија, костимографија и приод на камерата беше создаден автентичен амбиент за нем филм од 30-те години од минитите години. Актерската игра е со нагласена гестикулација, исто така својствена за немите филмови.

Според продукциската куќа, се работи за нетипична филмска авантура за актуелното време која има амбиција да потсети на филмската естетика од минатото, на големината на подвижните слики независно од тонот, и гледано од денешен аспект, гледачот да ја види таа сензација и натаму како свежа филмска форма.

За таа намена, филмот е снимен со 18 квадрати во секунда.

Улогите ги толкуваат , Игор Ангелов, Наталија Теодосиева и Сашо Петровски. Кинематографери на филмот се: доајенот на македонскиот филм Драган Салковски, Дејан Димески и Томи Салковски, костимограф е Емилија Атанасовска, монтажата е на Владимир Павловски, а продуцент е Томи Салковски.

Филмот е во продукција на „Скопје Филм Студио“ и е поддржан од Агенција за филм.