Информативна сесија и дискусија за Гаранцијата за млади

Националниот младински совет и Центарот за младински активизам „Крик“ вечерва организираат отворена средба со младите на која ќе се промовира проектот „Гаранција за млади“.

Се повикува секој што е на возраст до 29 години, сака да се стекне со работно искуство и се уште не е пријавен во Агенцијата за вработување.

Настанот ќе се одржи во „Олд Тајм“ во Стара чаршија од 20 часот.

„Преку Гаранција за млади, на младите невработени лица ќе им се обезбедат услуги што ќе овозможат нивно активирање и мотивирање во рамките на ГМ, со цел да им се даде соодветна понуда. Потоа, невработените млади лица ќе бидат вклучени во соодветните програми, мерки и услуги за вработување во согласност со годишниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година“, се вели во најавата за настанот.

Проектот се спроведува од Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија, а е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.