„Пуси Рајот“ ја презеде одговорноста за упадот на финалниот натпревар на Светското првенство

„Пуси Рајот“ презеде одговорност за синоќешниот упад на теренот за време на второто полувреме од финалето на Светскиот куп во Русија.

„Во моментов, има четири членови на Пуси Рајот на теренот“, напиша групата на нивната Фејсбук страница.

Подоцна, членката на групата, Олга Курачјова изјави дека таа била една од лицата кои излегле на теренот. Вели дека била притворена во полициската станица во Москва.

Руските медиуми објавија дека три жени и еден маж биле вклучени во протестот и дека сите четворица биле однесени до блиската полициска станица.

Од „Пуси Рајот“ велат дека упадот на теренот е протест со следните барања:

-ослободување на политичките затвореници,

-да не се затвораат луѓе поради „лајкови“ на социјалните медиуми,

-да запрат нелегалните притвори за време на политички протести,

-да се дозволи политички натпревар во Русија,

-да не се измислуваат криминални случаи и да се затвораат луѓе без причина.

„Пуси Рајот“ стана позната во јавноста по упадот во најголемата катедрала во Москва во 2012 година, при што три учеснички беа уапсени. Од тогаш, трите членки, кои беа судени, се раздвоија, а две од нив Надежда Толоконикова и Марија Аљокина, се уште настапуваат одвоено користејќи го името „Пуси Рајот“.