Еднаш извидник, секогаш извидник – Започнува извидничката смотра во Скребатно

Од 14 до 22 јули, во малото охридско село Скребатно ќе се одржи 12-та македонска извидничка смотра, која е најавена како најмасовна досега. Како што раскажува Јане Плавевски од Сојузот на извидници на Македонија, учесниците се подготвени за деветдневен живот во природа и за предизвиците што доаѓаат со тоа .

Зошто повторно го избравте Скребатно како место за Смотрата, по што е посебно ова село?

Скребатно за нас извидниците има посебно значење прво поради прекрасните предели на планината Самарница каде што се наоѓа, но и многуте претходни авантури кои ги имаме доживеано таму низ годините. Планинскиот терен и околина нудат прекрасен терен за реализација на најразлични програмски делови, а и селото е доволно блиску до Охридското езеро кое овозможува реализација на низа водени активности.

Што се крие зад мотото „Бескрајна приказна” и колку луѓе е најавено дека ќе учествуваат на овој важен настан за македонските извидници?

Мотото  “ Бескрајна приказна” на 12-тата Смотра на Сојузот на извидници на Македонија, всушност ги отсликува животните вештини и искуствата кои извидниците ги користат понатаму во секој дел од својот живот. Еднаш извидник, засекогаш извидник.

Оваа ќе биде најмасовната смотра и најголемиот младински настан во Македонија на кој ќе учествуваат преку 1.200 извидници од 15 земји. Покрај извидниците на настанот ќе земат учество и членови на партнерските организации на Сојузот на извидници на Македонија. Инаку, смотрата е наменета за учесници на возраст од 11 до 18 години за чии потреби е всушност и e прилагодена самата програма. Сите учесници над 18 години ќе бидат дел од Меѓународниот Сервисен Тим без кои еден ваков огромен настан не би можел да се одржи.

Извидниците девет дена ќе живеат заедно, со и од природата. Како е организиран животот во текот на смотрата?

Сите учесници на смотрата ќе бидат групирани во 7 под-кампови каде 9 дена ќе живеат и ќе се дружат заедно. Секој под- камп е составен од извидници од Македонија и извидници од други земји со цел целосно да се доживее интернационалното искуство кое го нуди еден ваков настан, но и да продолжи да се шири пораката дека извидништвото нема граници. Водени од мотото и пораката „Бескрајна приказна” имињата на под- камповите носат имињата на светови од фантазијата: Атлантис, Крин, Оз, Набу, Пандора, Утопија и Евендел.

Што е потребно да носи како опрема секој извидник во текот на настанот? Какви активности планирате оваа година?

Бидејќи се работи за деветдневен живот во природата секој учесник треба да биде спремен да ги издржи предизвиците. Секој учесник е потребно со себе да има: ранец, цврсти обувки, прибор за лична хигиена, прикладна облека, вреќа за спиење, изомат, итн.

Соодветно на можностите кои ги нуди оваа локација, годинава извидниците ќе имаат можност да ги испробаат и надградат своите вештини на шест локации, во 100 таканаречени работилници, кои се поделени во четири клучни области: Извиднички вештини; Природа и авантура; Забава и предизвици; Култура и традиција; и секако SDG (Sustainable Development Goals) селото, односно т.н село каде извидниците ќе се запознаат со Целите за одржлив развој, како би научиле на кој начин и каде можат да придонесат за создавање на еден подобар, поздрав и поодржлив свет за сите нас.

Дополнително, нашите партнери од приватниот и невладиниот сектор ќе одржат свои активности кои ќе бидат адаптирани на возраста и интересите на самите учесници.

Дел од смотрата секогаш се натпреварите и добивањето амблеми. Во што се натпреваруваат извидниците и зошто им се толку значајни амблемите?

Иако смотрата не е активност од натпреварувачки карактер, сепак учесниците ќе можат да го освојат таканаречениот „Беџ на пријателство”, кој се доделува на основа на комплетирање на одреден број на активности од програмата, но и врз база на стекнување нови пријателства за време на смотрата.

Самите амблеми на извидниците им даваат до значење бидејќи се доказ дека постигнале нешто посебно и дека станале стручни во одредена област. Амблемите се само доказот, но она што останува засекогаш се искуствата и вештините кои ги стекнале преку извидништвото.

Каков е интересот на младите за извидништвото во Македонија и како се станува извидник? 

Во последните неколку години бројот на извидници низ Македонија постојано расте. Истото е постигнато со зајакнување на капацитетите на постоечките извиднички одреди но и со отворање на нови одреди во градовите: Кавадарци, Штип, Прилеп, Кратово, Тетово, итн. Се што треба да направи еден човек кој сака да биде дел од извидниците е да контактира еден од локалните извиднички одреди кои се во неговата непосредна близина на живеење. Повеќе информации околу самите одреди и нивното делување може да се најдат на официјалната страна на Сојузот на извидници на Македонија. Извидништвото е отворено за сите и не препознава возраст, пол, вера, националност, така што ги повикуваме сите кои сакаат да ни се придружат да не контактираат директно преку веб страната на Сојузот на извидници на Македонија.

Преку извидниците сите членови се стекнуваат со животни вештини. Вештините и способностите кои се стекнуваат во извидници уште од најмала возраст како тимска работа, комуникација, издржливост, креативност, решавање на проблеми се од огромна корист за секој млад човек да може да се соочи со предизвиците кои ги носи секојдневниот и модерен начин на живот.