ЗНМ бара судовите да применуваат, а не да толкуваат закони

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, вчера се сретна со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата било разговарано за изедначување на судската пракса од Врховниот суд за тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, побара Врховниот суд во најскоро време да ја разгледа иницијативата на Здружението, со која се бара Апелациониот суд во Скопје да ги процесуира тужбите за клевета против онлајн медиуми согласно праксата на Апелационите судови во Битола и Охрид.

Селмани оцени дека не е работа на судовите да го толкуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, туку треба стриктно да го применуваат.

Тој рече дека обидот на Апелациониот суд да лиценцира медиуми ја ограничува слободата на говорот и е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и слободи.

Според него, создавањето на лажна слика во јавноста дека наводно постои колизија во законите во врска со постапувањето за тужби за клевета против онлајн медиумите треба да послужи како алиби на одредени политички кругови, кои инсистираат на построга законска регулација на интернетот.

Претседателот Вангеловски информираше дека барањето на ЗНМ е проследено до Граѓанскиот оддел при Врховниот суд, кој следната недела се очекува да се состане и да заземе став по тоа прашање.

Селмани и Вангеловски разговарале и за други актуелни прашања поврзани со усогласувањето на праксата на македонските судови со праксата на ЕСЧП во случаи против новинари и медиуми.