Студенти ќе изработуваат лична карта на дендро парк и иновативен уред за контрола на наводнување

Проектите „Иновативен модуларен уред за контрола на наводнување ” на група студенти од Земјоделскиот факултет и „Зелена лична карта на Дендро паркот ” од Шумарскиот факултет добија грантови по 100.000 денари од Општина Гази Баба.

Целта е студентите рационално да го искористат своето време додека студираат и професионално да се развиваат кон она што сакаат да работат токму преку овие проекти.

Ова е првпат општината да додели грантови за поттикнување и развивање на иновативноста кај студентите.

На јавниот конкурс се пријавиле три факултети кои се наоѓаат на територија на Гази Баба – Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот Гоце Делчев, Факултетот за земјоделски науки и храна како и Шумарскиот факултет.

„Иноваторите, средствата ќе ги добијат во два дела. Педесет отсто пред имплементацијата на проектот а остатокот, откако ќе биде завршен. Крајниот рок за нивната реализација ќе биде до 30 октомври, оваа година“, информираат од општината.

Оттаму најавуваат дека ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина.