Српски уметник создава видеоигри низ кои протнува политички хумор

Како студент по филм и филозофија на Универзитетот Колумбија, Игор Симиќ го осознал потенцијалот на видеоигрите како уметност за време на говор од страна на Пол Шредер, американскиот сценарист и режисер кој работел на филмот „Таксист“.

Симиќ се потсетува дека предавањето на Шредер укажало на тогашната изложба на работата на Марина Абрамовиќ во МОМ и на растот на Јутјуб – и сугерираше дека клучот за иднината на уметноста лежи во поголема интерактивност во меѓусебно поврзаниот свет што го нудат видеоигрите.

Кога се вратил во Белград во 2012 година, Симиќ првично се фокусирал на видеоуметност и режија на кратки филмови, но ги зел предвид и зборовите на Шредер.

Тој започнал соработка со двајца програмери, пријатели од средно училиште, и тие произвеле две мобилни игри кои се занимаваат со дневни социјални проблеми, но прикажани со црн хумор.

Првата, „Експерт за кризи“ (Crisis Expert), која вклучува возење количка преку економски графикони, беше инспирирана од Големата рецесија, додека втората детска игра го става играчот во улога на надгледувач на производствена линија на слатки, каде што мораше да ги спречи малолетните работници да не заспијат.

Нивната најнова игра, „Golf Club: Wasteland“, која има незадоволен жител на Тесла Сити на Марс, кој игра голф во урнатините на Земјата во не толку далечна иднина, исто така, привлекува инспирација од политиката.

Првично инспириран од неговото видеоуметничко дело „Melancholic drone“ (Меланхоличен дрон), елементот со играењето голф е додаден делумно како омаж на поранешниот бизнис на претседателот Доналд Трамп.

Меѓутоа, главната цел е она што Симиќ го нарекува „идеологијата на Силиконската долина” – што е наративно и визуелно споредено со позадината на урнатините, кои наликуваат на бруталистичките згради и споменици од југословенската ера.

Овој избор на дизајн не само што ја отсликува зголемената популарност на југословенскиот брутализам на интернет, туку и симболиката.

„Прво, изгледа одлично, а второ, тоа е одличен пример за слепата употреба на научното планирање за луѓето, и каде тоа нè води. Трето, ми се допадна идејата за мешање на ‘идеологијата на Силиконската долина’ со комунизмот“, вели тој за „Балкан инсајт“.

„Култот на личноста, како во случајот на [Елон] Маск и [Марк] Цукерберг, и нивната моќ и влијанието врз нашиот живот и приватност, е интересен феномен. [За да ја нацрта паралелата], играта, исто така, има огромен споменик на Маск, дизајниран за да наликува на руинираната биста на Карл Маркс во Берлин”, додава Симиќ.

Поради своите невообичаени теми и фокусирајќи се на наративот, Симиќ ја опишува играта како не само голф-игра, туку како еден вид „интерактивна аудиокнига”.

Ова беше зајакнато со додавање на имагинарна радио програма наречена Радио Носталгија од Марс, која игра во позадина. За тоа, Симиќ и неговите соработници снимија седум оригинални песни, меѓу кои две реномирани музичарки од регионот, Ана Чурчин и Сара Ренар.

Радиото, исто така, вклучува и „интервјуа” со седум луѓе од целиот свет, кои зборуваат за нивниот живот на апокалиптичната Земја.

Овој амбициозен пристап кон играта му помогна да привлече внимание и пофалби дури и пред нејзиното официјално објавување.

До денес, таа доби награда за иновативна игра, како и номинација за најдобра игра на годинешната конференција Reboot Gaming. Таа ќе биде официјално пуштена на 20 јуни на AutoTech Summit, во организација на Unity, платформа за развој на игри.

Играта и нејзината видливост придонесоа за развојот на индустријата за игри во Србија, особено на белградската „Нордеус”, чија „фудбалска” игра „Топ Единаесет” (Top Eleven) имаше огромен успех.

„Она што е добро [во српската гејмерска индустрија] е тоа што луѓето работат заедно. Причината зошто луѓето си помагаат е дека има пари на странскиот пазар, па затоа тие се во директна конкуренција. [Тоа е многу] за разлика од локалната уметничка сцена каде што сите се борат за државни грантови “, забележува тој.

Сепак, Симиќ сé уште смета дека локалната индустрија за игри има долг пат за да ја преземе меѓународната сцена, и покрај конкурентната предност на евтини програмери и зголемената меѓународна достапност на алатки.

„Не гледам реално движење или иновации во Србија за добро искористување на новите технологии. Иако ние сме отворени [кон нив], менталитетот не е доволно меѓународен. Лесната достапност на алатки не е гаранција [на успех], бидејќи остатокот од светот оди во други области “, предупредува тој.

Сепак, Симиќ е решен да продолжи со своите игри, филмови и уметнички амбиции.