Ердоган прогласи победа во Турција, „Викиликс“ со карикатура ги искоментира изборите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во првиот круг од претседателските избори на кои освои нов мандат, но овојпат со извршни овластувања.

„Нацијата ми довери одговорност за претседавање и извршни должности“, изјави 64-годишниот Ердоган во говор од Истанбул што го пренесуваше државната телевизија.

„Се надевам никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите и да и наштети на демократијата за да го сокрие својот неуспех“, изјави Ердоган, кој освои 62,5 отсто гласови, додека противкандидат од опозицијата Мухарем Инџе – 31 отсто гласови.

На денот на изборите, „Викиликс“ на социјалните мрежи објави карикатура од TheGlobePost, со која напиша: „Турција има повеќе новинари во затвор од која било друга држава. Викиликс беше забранет во Турција по објавувањето на е-мејловите на владејачката партија АКП и зетот на Ердоган“.