Претставата „Немам каде да се вратам“ премиерно на 28 јуни во „Фросина“

На 28-ми јуни во киното „Фросина“ ќе се одржи премиера на претставата „Немам каде да се вратам“ на групата за перформанс „Кунстверкштат“ при Младинскиот образовен форум.

„Немам каде да се вратам“ е претстава за талкањето на сириските бегалци. Да се талка значи и да се трага, да се бега, а во оваа претстава тоа значи и да се најде.

Она што ликовите од оваа претстава го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од кое што бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји.

За претставата, нејзиниот драматург ќе каже: „ Бегањето од војна и трагањето по безбедност и мир не значи и нивно наоѓање, а преку приказните на ликовите од претставата „Немам каде да се вратам“ го гледаме токму тоа: на патот кон некоја од европските земји секој од нив успева да подзастане и за момент да се сврти кон едно дома кое веќе не постои. Пред крстопатот од можности, во еден камп во Македонија, пред да одлучат на каде да го продолжат патот, бегалците ги излеваат своите внатрешни драми и сфаќаат дека ништо веќе нема да биде исто.“

Текст на претставата е на Милош Андоновски, а режијата на Дени Стојанов.

Улогите ги толкуваат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Ива Цветановска, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тина Спировска, Филип Христовски и Христина Мирчевска.

Влезот за претставата е бесплатен.

Овој проект е имплементиран од Младински образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“. Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.

„Кунстверкштат“ е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и зад себе има повеќе настани. Во мај 2017 претставата „ Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа ја освои Гран при наградата „Васил К. Ќортошев“ за најдобра претстава на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија во Кочани.