Новото средношколско организирање во фокус на панел-дискусија во „Јавна соба“

Во „Јавна соба“ на 26 јуни (вторник) од 12 часот ќе се одржи панел-дискусија на тема „Ново средношколско организирање, 2018/2019“.

Дискусијата е организирана од Младински образовен форум (МОФ),  во партнерство со Коалиција на младински организации СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во рамки на проектот „Имплементација на конвенцијата на правата на детето“, поддржано од Фондација Песталоци.

Целта е да се изнесат искуствата од средношколските заедници, потребата од средношколското организирање, процесот на изменување на законот и предизвиците кои доаѓаат со неговата имплементација.

Во последните неколку години во средното образование се спроведуваат низа реформи кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на образованието и да одговорат на потребите на средношколците и средното образование.

Поканети говорници се: Петар Атанасов – Министерство за образование, потоа претставник од Бирото за развој на образование, Ана Попризова – психолог при СУГС „Орце Николов“, Вероника Станоевска – претседателка на средношколската заедница при СМУГС  „Панче Караѓозов“ и Гораст Орданоски – Претседател на средношколската заедница при СУГС „Георги Димитров“.

МОФ, Коалицијата СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во соработка со Министерството за образование и наука и со поддршка од Фондацијата Песталоци, ја започнаа оваа иницијатива која произлегува од утврдената потреба за законско регулирање на ученичкото учество во образовниот систем. Целта е да придонесе кон подобрен квалитет на живот на средношколците, развивање на нивните демократски капацитети и активно граѓанство.