Почна фестивалот „Скопско лето“

Со  концертот на  групата  Дадо Дганит (Daddo Dganit) од Израел во Македонската филхармонија, синоќа беше отворено 39. издание на  „Скопско лето“.

Фестивалот традиционално почнува на 21 јуни – Светскиот ден на музиката, но и најдолгиот ден од годината.

„Овој фестивал прерасна во симбол на културниот живот и обележје на нашето Скопје. Манифестација којашто растеше секоја година и полека, полека ги надрасна границите на нашиот град, но нема да биде поголема од Скопје, бидејќи Скопје е  единствено, меѓутоа и станува полека еднаква  по својата важност, затоа што оваа манифестација генерациски се врежува во колективната културна меморија на скопјани“, истакна градоначалникот Петре Шилегов.

Во склоп на фестивалот, денеска од 21 часот во МНТ е најавена претставата „Крал Рикард III“ од Александар Поповски.

Во МОБ утре ќе има концерт „Океани“ на Јелена Томашевиќ со оркестарот на МОБ, за недела (24 јуни) е најавена претставата „Партија реми“ на Виолета Џолева, додека во понеделник (25 јуни) ќе се одржи „Тапанот се слуша надалеку“ – концерт со удирачки инструменти на Сара Симоновска, закажан во Сули ан.

Целата програма за фестивалот може да се види ТУКА.

„Скопско лето“ веќе 39 години во главниот град, во летниот период, нуди забава со низа домашни и странски, премиерни и специјални проекти и гостувања, музички, филмски, театарски, ликовни и други естетски доживувања како на скопските сцени, така  и на отворените простори.