САД се повлекоа од Советот на ОН за човекови права

Американската амбасадорка при ОН, Ники Хејли, соопшти дека САД се повлекуваат од Советот на Обединети нации за човекови права, истакнувајќи дека таа организација „не е достојна за своето име”.

Објавувајќи го повлекувањето во Стејт департментот заедно со државниот секретар Мајк Помпео, Хејли рече дека Вашингтон се одлучил на тој чекор бидејќи другите земји немале храброст да се приклучат на американската борба за реформирање на „лицемерното тело кое си служи само на себе си.”

„Ова дволично и себично тело служи само за исмевање на човекови права. Ова тело не заслужува да го носи тоа име“, изјави таа.

Таа го обвини ова тело дека е „хронично пристрасно во однос на Израел“, додавајќи дека меѓу членките на Советот има држави кои се обвинети за кршење на човековите права како што се Кина, Куба, Венецуела и Конго.

„Правејќи го овој чекор, сакам да биде кристално јасно дека тоа не значи повлекување од нашето ангажирање во врска со човековите права“, рече Хејли.

Американската амбасадорка потсети дека пред година дена јасно ставила до знаење дека САД ќе останат во Советот на ОН само доколку се спроведат суштински реформи.

Овој потег на САД се случува  еден ден откако комесарот за човекови права на ОН ја осуди администрацијата на Трамп поради раздвојувањето на децата од родителите – илегални мигранти, на границата со Мексико.

Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад ал Хусеин изрази запрепастување поради одлуката на САД да се повлече од Советот за човекови права на Светската организација, наведувајќи дека Вашингтон би требало да го зајакне својот ангажман со оглед на се почестото кршење на човековите права во светот.

„Со оглед на состојбата со човековите права во светот денес, САД би требало да го зајакнат својот ангажман, а не да се повлекуваат“, рече Зеид.

Европската унија денеска соопшти дека одлуката на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на земјата од Советот за човекови права на ОН претставува „ризик да се поткопа улогата на САД како борец и поддржувач на демократијата на светската сцена“.