Граѓански бунт против високите цени на горивата во Србија, БиХ и Црна Гора

Поради цените на горивото, возачите во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се кренаа на протести, пишува Радио Слободна Европа. Во дел од градовите протестите добиваат на сила, додека организаторите во други се разочарани од малиот одзив на граѓаните.

Во Србија, веќе на четвртиот ден се протестираше во Белград, Нови Сад, Сабац, Ваљево, Нови Пазар, Ниш, Крагуевац, Баточина и други градови.

Министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура Зорана Михајловиќ во Србија ги критикуваше протестите, велејќи дека на таков начин „ја загрозуваат безбедноста и слободата на движење на сите други луѓе и е за осуда”.

„Блокадите со автомобили во кои има бебиња, деца и постари лица, особено на високи температури, се закана за животите на нашите граѓани и тоа нема никаква врска со протестите во врска со цените на горивото, туку со воведување хаос во нашата земја”, рече Михајловиќ.

Таа додаде дека српската влада и ресорните министерства – за енергија и финансии – ја анализираат состојбата на пазарот на гориво и бараат начин да одговорат на најновите зголемувања на цените.

Протестите се организираат преку социјалните мрежи, бидејќи цената на горивото во Србија од почетокот на годината се зголеми за речиси девет динари (околу 70 евроценти) за литар, а дизел за повеќе од 11 динари (околу 90 евроценти).

Граѓаните бараат да се донесе нова цена на гориво која не надминува 110 динари (околу 90 евроценти) за дизел и 120 динари (околу едно евро) за безоловен бензин. Исто така, во иднина да се пресметува цената на горивото така тоа што на основната цена на бензинот да се пресмета данокот, а потоа на оданочената цена на горивото за да се додаде акциза која не смее да биде повисока од 50 проценти од основната цена на бензинот. Возачите, исто така, бараат цените на плинот да не надминува половина од цената на безоловниот бензин.

Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, рече дека српската влада е секогаш подготвена да разговара со сите, но не под притисок од улиците.

„Никој од улица нема да диктира како владата ќе дејствува. Ние секогаш сакаме да се зборува за сите прашања. Но, никогаш улицата нема да го диктира начинот на кој владата ќе се однесува”, рече Стефановиќ.

Граѓаните на БиХ, пак, ги блокираа патиштата во градовите низ целата земја и им порачаа на властите дека нема да го дозволат порастот на цените на горивото.

Еден од иницијаторите на акцијата во БиХ, претседателот на Здружението за меѓународен превоз на Република Српска, Никола Грбиќ, рече дека е задоволен од одѕивот на граѓаните и вели дека протестите продолжуваат.

„За жал, институциите да имаа барем малку разбирање, немаше да дојде до вакви ситуации и запирање на сообраќајот на ниво на БиХ, но еве почнавме со оваа акција, продолжуваат и денес и утре и секој ден се додека некој не сфати дека тие треба да седнеме, да разговараме и да најдеме решение за овој проблем, бидејќи цената на горивото во однос на животниот стандард во БиХ е навистина преголема”, рече Грбиќ.

Протести поради високите цени на горивото се проширија и во Црна Гора. Но, таму не се со толкава посетеност.

Дваесет возила во Никшиќ и уште толку во неколку градови се собраа за време на протестот вчера, но она што го одбележа овој протест во Црна Гора е отсуство на каков било израз на незадоволство на граѓаните на Подгорица.

Заменик генералниот секретар на Унијата на слободни синдикати Звонко Павичевиќ смета дека „граѓаните на Подгорица или немаат храброст или, поради некоја причина, не сакаат да го изразат своето незадоволство”.

„Разочаран сум, очекував повеќе граѓани да излезат”, рече Павичевиќ.