Студентите од индискиот колеџ „Дарам Самаџ“ биле шокирани кога дознале дека во машките тоалети биле поставени камери за видеонадзор. Факултетот ги инсталирал камерите во тоалетите кои се најблиску до просториите каде се одржуваат испитите на правниците и економистите.
Како што пренесува Вајс Индија раководителот на колеџот, Хем Пракаш изјавил дека тие биле неопходни за да се спречи мамењето кај студентите.
„Добивавме многу забелешки за тоа дека студенти ставаат материјали за препишување во тоалетите, па се одлучивме со поставување на камери да ја спречиме таа пракса“, рекол Пракаш.
Тој дополнил дека снимките од камерите ќе ги надгледуваат тим на администратори со задолжение да ги спречат студентите од мамење на испитите.
Студентите побарале правна процедура против колеџот, но Пракаш вели дека факултетот веќе добиле правен совет пред инсталирање на камерите. Тој тврди дека тие не ја нарушуваат приватноста на студентите, бидејќи се насочени кон нивниот грб. Истовремено, камери се поставени само во машките тоалети.
„Мерката е насочена кон машките студенти. Дали девојките не мамат на испити? Не проверуваат при влез и за време на испитот. Грешка на администрацијата е ако и покрај сето ова не можат да спречат мамење“, изјавил студентот по право Сону Такур за Вајс Индија.
Според Такур, студентите ја предупредиле управата на колеџот дека доколку не бидат отстранети камерите, ќе бидат принудени да ги скршат.