Основана парламентарна група за правата на Ромите во земјава

Во Собранието беше промовирана и основана Интерпартиска парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија, во која ќе членуваат пратеници од различни политички партии.

Според спикерот Талат Џафери, ваквите интерпартиски групи не се новина во законодавниот дом, меѓутоа, вели тој, се доказ дека „сите пратеници созреваме и се издигнуваме над партиските интереси и без оглед на политичката провиниенција од која доаѓаме, се здружуваме, соработуваме и правиме нешто што е за општото добро, а во овој случај, за доброто на нашите граѓани од ромската етничка заедница“.

„На сите ни е добро позната генералната состојба на овие наши сограѓани, односно фактот дека се маргинализирани, недоволно интегрирани во општеството, со низок степен на вклученост во образовниот процес, со недоволна покриеност од страна на здравствениот сектор и ред други неповолности кои негативно влијаат врз нивната економска и општа благосостојба“.

„Се прават напори за колку-толку подобрување на ситуацијата, притоа мислам на Декадата на Ромите, чијшто потписник е и Република Македонија, а не е мал ниту придонесот на невладиниот сектор, меѓутоа, не смееме да заборавиме дека ние сме претставници на народот, ние сме избрани од народот, ова е дом на народот и тука е местото каде што треба да се донесат, изменат и дополнат законите со кои ќе се санкционира оваа област. Сепак, не смееме да останеме само на донесување на квалитетни закони, туку, треба да се ангажираме во насока на вршење надзор врз имплементацијата, односно спроведувањето на тие закони“, рече меѓу другото Џафери.

Инаку, иницијатори на оваа идеја се пратениците Самка Ибраимоски, Диме Велковски, Ирена Стефоска, Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Енес Ибрахим, Агим Муртезанов, Мирсада Емини-Асани, Ивана Туфегџиќ, Ѓулумсер Касапи, Павле Богоевски, Славица Шуманска-Митева, Соња Мираковска и Јулиана Николова.

Покрај пратениците, на основањето на групата беа поканети претставници на Амбасади и невладиниот сектор од оваа област.