Верски обред се одржал во холот на радовишкото училиште „Крсте Петков Мисирков“, каде оџа на микрофон пее ифтарска молитва и извикува „Алаху акбар“. Случајот е документиран со видео, кое од вчера почна да се шири по социјалните мрежи. На него се гледа дека во големата просторија има стотина деца и нивни наставници.
Како што јавува ТВ 24, засега нема информација кој дозволил да се одржи верскиот обред во општинското основно училиште. Со настанот не биле запознаени ниту општинските власти, додека од училиштето никој не одговора на новинарските повици. Од Минитерството за образование и просветниот инспекторат информираа дека била испратена инспекција и по утврдување на фактичката состојба ќе излезат со официјален став.
На социјалните мрежи стигнаа остри критики за настанот, а со своја реакција излезе и Првата детска амбасада „Меѓаши“, од каде посочуваат дека oвa е злoупoтребa нa децaтa зa верски цели.
„Очигледно е дека верското организирање (како и партиското, за жал) е влезено и присутно во училиштата, без оглед на законот кој јасно укажува во Член 11 ’Во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја’. Речиси постојано се случуваат прекршувања на овој член, доволно е да се погледнат вестите од изминатиот месец. Ставот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши отсекогаш бил за секуларноста во Република Македонија, особено за некористење на училиштата и учениците за каква и да е верска или партиска активност. Оттаму и многуте реакции на различни случувања во изминатите години“, се наведува во реакцијата на „Меѓаши“.
Од детската амбасада потсетуваат и дека основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ кое деновиве е во фокусот на јавноста поради „вршење верски обреди“, било свечено отворено со осветување на училиштето од страна на свештени лица од МПЦ. Затоа бараат отворено да се разговара за проблемот на секуларноста во училиштата.
„За нас, двете случувањa не се соодветни за училиште. Воедно, да нагласиме, не сме против верата и верското определување, само сметаме дека не им е место во образовните институции и дека училиштата треба да бидат особено внимателни да не организираат или учестуваат во нив без оглед на мотивот и намерата – доколку навистина сме секуларна држава, или таква сакаме да бидеме“, додаваат од Меѓаши.