Изложба „Спам“ на Илина Арсова во „Марко Цепенков“

Во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп во среда (23 мај) од 13:30 часот ќе биде отворена изложбата „Спам“ слики и инсталации од Илина Арсова.

Се работи за серија од мали формати, изработени од колажиран и ликовно трансформиран домашен отпад: текстил, хартија и веќе употребени и дотрајани предмети.

„’СПАМ’ доаѓа од отпадното сандаче на непотребни информации и пошта. Во овој случај му даваме нов ликовен лик на отпадот кој инаку го затрупува нашиот ум и домашен простор. Со тие ситници најчесто сме емотивно поврзани и истите претставуваат интимен дел од нашето секојдневие. Овие новосоздадени дела се во контекст на досегашните ликовни истражувања на тема рециклирање и подигнување на еколошката свест кај народот преку намалување и правилно менаџирање на сопстевиот отпад во полето на дејствување на една индивидуа“, стои во најавата за изложбата.

Малите формати се поврзани во една инсталација која може да се менува, секојпат формирајќи поинаква приказна и колоритна игра. На сликите се сретнуваат разни подлоги од искористени материјали, најчесто завршени со сликарска интевенција со боја и цртеж.

Поставката е комплетирана со дополнителни интервенции низ подолг период меѓу 2013 – 2018 година.

Уметницата Илина Арсова дипломирала на Факултет за ликовни уметностиво 2005, кога стaнува и чен на ДЛУМ. Таа е поборник за жаштита на животната средина, вљубеник во природата, височините и адреналинот како значајна врска со ликовното творештво.