Децата и градоначалникот од Бутел боеја градинка за да побараат нова фасада од меѓународната заедница

Со боење на старата фасада на градинката „11 Октомври“ во Бутел, а под мотото „И ние сме звезда на европското небо“, беше прославен денот на Европската Унија. На настанот учествуваа и децата од детскиот хор Пиколо.

Покрај децата, фасадата ја боеја и градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски и амбасадорот на Република Словенија, Милан Јазбец.

Целта на настанот, посочуваат од општината, е да и се каже на меѓународната заедница дека градинката има потреба од нова фасада.

„Целта на денешниот настан е да го свртиме вниманието на меѓународната заедница за понатамошна соработка во насока на модернизирање на условите во градинката со менување на фасадата“, се вели во соопштението од Општина Бутел.

Имено, градинката е прв ваков објект на територија на општина Бутел, а за првпат била реновирана во 2004 година со средства од Кралството Норвешка и помош од вицепремиерката Радмила Шеќеринска, се додава во соопштението.

„Впрочем децата се нашата иднина и го заслужуваат тоа“, велат од Општина Бутел.