Занаетчиството на раб на изумирање, увозот од Кина расте, а младите бегаат од државата

Годинава за првпат по 55 години беа доделени мајсторски дипломи на занаетчиите кои со петни жили се обидуваат да го задржат занаетчиството во државата и неговата стара слава. Работа секогаш има, ќе кажат нашите занаетчии, но нејзе се помалку ја вреднуваат, како државата, така и луѓето. Тие се уште се оставени сами на себе во борбата против сивата економија, а стручен кадар речиси и да нема.

На почетокот од скопската населба Маџари ќе го сретнете знакот „БОРО“ кој води до работилницата на прочуениот мајстор Боривоје Кајевиќ. И најверојатно ништо нема да ви значи, но во оваа работилница се создале повеќе од 8 000 разни машини, меѓу кои и оние за изработка на познатиот зачин „Вегета“, а машините за мелење на кафе стигнале и до САД, Австралија, Чиле…

Две генерации подоцна, во работилницата се уште може да се слушнат звуци од алати кои поправаат, или создаваат нови машини. Но, денес со неа раководат неговиот син и внуци. Љупчо Кајевиќ, на свои 61 година, секојдневно се појавува во седум часот наутро во работилницата, – „освен во недела кога е ден за одмор“, знае да се пошегува тој.

Вели тука нема граница за тоа кој е мајстор, а кој директор. „Некогаш и ќе метиш, без разлика што си син на газдата, или си газда“, нагласува тој.

За него работата е на прво место, за друго вели дека е споредно. Затоа, смета тој, успеал да го постигне ова што го има денес.

Кајевиќ беше еден од занаетчиите кои неодамна за првпат од осамостојувањето на државата добија признание за тоа што го работи.

„Ние веќе не изработуваме машини за тука, се фокусираме во странство, бидејќи државата веќе сме ја пополниле со нашите машини“, се смее Кајевиќ барајќи ја својата визит картичка. На неговото биро нема компјутер, но го има како што го нарече „најголемото оружје“ – листот, моливот, гумата, линијарот и шестарот. Тоа е алатот со кој тој создава сиве овие години.

„Јас израснав тука. Мене главна игра ми било кога ќе дојдам тука, на работа со мајсторите, или батковците како што ги викав“, се потсетува Кајевиќ.

Да се биде занаетчија за него претставува опстанок за живот, но при тоа да имаш слобода креативно да се изразуваш.

„Работното време никогаш не е само осум часа. На пример, кога се работи на работна задача, некогаш ќе бидат пет часа, некогаш петнаесет, а некогаш може кога ќе се завршиш одредена работа, и да се земат два-три дена слободни“, појаснува тој.

„Јас како млад инженер, кога завршив факултет, се залетував дека треба да одам во други фирми, дека треба да одам во странство, дека треба да одам да се дошколувам. Но, секаде каде што ќе отиде некој млад инженер или средношколец, ќе биде почетник и ќе биде ограничен во креативноста и во можностите за работа, затоа што ќе му биде дадено од тука до тука да сработи, но занаетчиството, особено кај нас, кај металопреработувачката дејност нема таква граница за тоа што ќе работи. Кога се работи, работат сите. Кога се одмара, одмараат сите“, раскажува тој.

За разлика од компаниите и друштвата, занаетчиите ја вршат својата дејност со целосна одговорност за она што го создаваат.

„Занаетчијата не значи дека треба да биде само крпач. Неговата дејност се менува. Ние сме усвоиле машини за преработка на храна, ама претходно сме работеле на машини за преработка на дрво, па сме работеле нешто друго, па ќе работиме трето. Значи, секој пат занаетчијата од својата струка ги брка производите што се бараат. Нема – ова ќе го работиме, и цел живот тоа. Кај нас, еден шивач ќе шие одело, ќе шие панталони, па ќе шие капут, па постелнина…“, забележува Кајевиќ.

Неколку генерации помлада од него, но со истиот ентузијазам за работа и содавање е и Катерина Дода, најистакнатиот млад занаетчија. Таа веќе седум години се занимава со рачна изработка на филиграни, откако изучила курс во комората на Град Скопје, по што се регистрирала како самостоен занаетчија. И за неа занаетчиството подразбира креативност.

„Самиот филигран нуди можности да се изразите себеси, своите мисли и своите идеи што ги имате како дизајнер, како изработувач на накит…нуди неограничени можности, бидејќи целиот процес рачно се изработува“, објаснува Дода.

„Нашиот филигран е многу тежок за изработка, но крајниот производ е прекрасен“, смета таа.

„Ние како семејство изработувавме печки за топење на обоени материјали – злато сребро, бакар… Дома имавме клешти, пинцети и си реков дека бидејќи сето тоа го имам, дека ќе можам да почнам да работам со филигран. Меѓутоа, се излажав, затоа што филигранот си бара посебни алати – многу помали, префинети. Сето тоа чини, и тоа многу“, појаснува таа.

Сега веќе има комплетно опремена работилница во Ченто, каде го изработува производот, почнувајќи од топење на среброто, припрема на материјалот, полирање и чистење на среброто, па се до финалниот производ, самиот филигран.

„Луѓето знаат што е филигран и го ценат. Јас неколку пати кажувам дека можеби економската состојба во нашата држава е таква што не може секој да си го дозволи, но кога одам по базарите што ги организираме, знае да дојде некоја девојка што ѝ се допаднално некое парче накит и да почне да штеди цела година за да може наредната да си дозволи да купи и да има парче филигран во својот аксесоар“, вели Дода.

Покрај македонскиот пазар, таа се претставува и на специјализирани настани во странство.

„Изненадувачки е тоа што знаат што е филигран, знаат дека потекнува од овие краишта и знаат како се изработува. Кога ќе дојде семејство, родителите ќе земат филигран и ќе почнат да им објаснуваат на децата колку е тоа деликатно направено, колку е тоа ситно… како се составуваат сите тие делови“, вели таа.

Кајевиќ, пак, се потсетува на едни други времиња кога занаетчиството се ценело многу повеќе.

„Никогаш еден производ увезен од Кина не може да биде со подеднаква цена со оној што е рачно изработен во домашната земја. Таа нелојална конкуренција што се случува и глобализацијата на трговијата, на производството, доведува занаетите да страдаат и стануваат неатрактивни и да не бидат ценети“, смета тој.

„Многу е лесно кога ќе влезете во продавница да купете една метална кофа, ама ајде направете ја. Една проста кофа немате претстава колку е сложено да се направи, со коси рабови, со рачка… Еден Кинез ќе ја направи и ќе ја продаде за 5 евра, а кај нас материјалот чини 7 евра. Таа направена на нашиот пазар ќе чини 20 евра, а занаетчијата не може да ја продаде за 20. Треба да ја продаде за 30“, забележува Кајевиќ.

„Пробајте да најдете некој да ви направи регал. Нема. Во градот има 100 фирми, но да дојде мајсторски и сам да земе мера, да направи нема. Мора да отидете во поголема фирма и да чекате три месеци за еден регал што се прави за 4-5 дена“, додава.

Исто размислува и Дода, која жали што се повеќе граѓани купуваат филиграни од Кина.

„Чаршијата е преплавена со таков филигран. Ние навистина што се занимаваме со филигранот, што го изработуваме, што ја негуваме нашата традиција, сме приморани да бараме друга работа за да може да опстанеме. Можеби затоа младите не се одлучуваат за занаетчиство, но со помош од државата, доколку се направи поголема контрола, ќе се заштита домашните производи“, предлага таа.

Сепак, Кајевиќ не е толку оптимист. „Се менуваат времињата, се менуваат условите – за жал на полошо“, вели тој.

„Порано властите внимаваа да те наградат, но и да те казнат. Сега внимаваат само за себе како нешто да направат, некоја шарена лага, колку на народот да му ги замачкаат очите“, вели револтирано.

Да се биде занаетчија во 21 век е срам

Дода се потсетува на едно свое патување во Бугарија каде затекнала деца во четврто одделение кои изучувале предмет златарство. Смета дека токму ваквите пристапи низ образованието, ќе помогнат да се скрши стигмата за занаетчиството.

„Кога вие на дете ќе му вметнете во глава некаков занает, децата ќе се запознаат со него. За младите денес е срамота да го одберат тоа затоа што не се запознаение, се уште не знаат што е тоа. Сметам дека еден час во неделата треба да биде посветен на занаетчиството“, вели таа.

Според Кајевиќ, со години се прават грешки во образованието.

„За жал, за младите е многу лошо што целиот систем на школување е направен така што тие учат, се формираат како кадри и однапред се осудени да избегаат од Македонија. Така ги воспитуваат, така целата средина создава клима дека местото не им е тука. Јас секој пат се карам со сите дека ако земјата ги пушти младите, таа веќе не е земја. Кај нас се уште важи „учи синко, за да не работиш“. Не може така, тоа мора да се смени“, забележува тој.

Во последниве 30 години, бројот на занаетчии се намалил за шест пати, посочува Кајевиќ. Ако порано нивната бројка била 60 000, денес се едвај 10 000.

„Денес од училишната клупа влегува во индустрија. Ако нема некој постар мајстор да го научи, тоа дете ќе се изгуби и нема да сака да работи“, смета Кајевич.

„Сега одат во лабораторија да ја обават праксата, во школото каде што триесет деца гледаат на едно место и не фаќаат ништо. Порано кај нас имало школски центар, постојано имало по 25 деца, и од тие, 5 ќе бидат одлични мајстори, ќе се остручат за да работат. На тие 5 татко ми им наоѓаше работа и им помагаше да се вработат според нивниот афинитет“, се потсетува тој.

Државата да си го заштити занаетчиството 

Дода доби признание за истакнат млад занаетчија, но тоа за неа не е успех, туку само една награда која допрва треба да ја оправда.

„Кога после толку награди надвор од Македонија, ќе ме признаат и дома, тоа е најголемо задоволство но и голема одговорност. Сега треба да ја оправдам наградата“.

Според неа, потребни се вакви афирмирања на работата на младите занаетчии, бидејќи тие го одржуваат занаетот да не изумре.

„Повеќето млади се определуваат за доктори, за правници, за административни работници, но не се ни свесни колку е убаво да се биде занаетчија. Колку е тоа креативно, колку ви дава можности во животот, не само во Македонија, туку и во странство – да патувате, да се изразите себеси и својата креативност. Едноставно да напредувате во животот. Јас канцелариската работа ја сметам од девет до пет и тоа е тоа во животот, меѓутоа ова е нешто што ви нуди многу повеќе можности, да запознаете нови луѓе, нови култури..“, смета Дода.

„Кога ја добив наградата јас кажав – би била среќна доколку оваа моја награда е поттик барем за еден млад човек да почне да се занимава со занаетчиство. Би сакала што повеќе млади луѓе да се занимаваат со занетчиство. Без занаетчиство една држава не може да опстане“, додава таа.

Кајевиќ, пак, се надева дека законот за образование на овие млади луѓе ќе се смени. Занаетчиството може да има иднина, но само ако државата воведе ред, вели тој.

Сега неговите деца ја предводат фирмата заедно со него.  Вели дека знаат да работат на реални проблеми како инженери со дваесет години искуство, иако имаат само три.

„Филозофијата на занаетчиството е тоа што го сакаш, работи го, ама мисли и на себе. Луѓето само офкаат – ‘тешко е..“, а нам лесно ли ни било? Од 54-та до денес, во комунизам, во социјализам, во капитализам, во транзиција, во воени периоди, за на крај да опстанеме. Треба да ја менуваш бојата како камелеонот, еднаш сив, еднаш бел… за да опстанеш. Ама не со лаги, само чесно и со работа“, заклучува тој.

Емилија Петреска