Владата предлага да се укине ограничувањето за продажба на алкохол

Владата на денешната, 67. седница го прифати предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија на Министерството за економија, чија цел е укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и на малопродажните објекти.

Според овој Предлог продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму треба да се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои ќе се врши продажбата. Продажбата на алкохолните пијалоци ќе се дозволи и во киосците. Исто така со Предлогот на закон не се ограничува времето за продажба на алкохолни пијалаци во малопродажните објекти во трговијата.

Покрај ова, на денешната седница, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, да  продолжи со активностите за  згрижените лица затекнати  под Кале, во објекти  што ги користи ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје, врз основа  на претходна согласност на лицето, најдоцна до јуни 2018 година.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи да ангажира стручни лица од граѓанските организации за реализација на предвидените активности за лицата затекнати под Кале до нивно целосно интегрирање.