Во Велика Британија расте бројот на луѓе кои се приклучуваат на иницијатива во која граѓаните, наместо полицијата, се спротивставуваат на брзите возачи во сообраќајот.
„Другарка на мојата ќерка беше усмртена од возило. Беше ужасно чувството во училишниот совет кога тоа утро им го соопшти тоа на децата. Училиштето една година не можеше да закрепне. Настанот имаше големо влијание на децата, а особено и на мојата ќерка“, вели Џон Рајан.
20 години по овој инцидент, тој е пензиониран и се вклучил во мрежа на волонтери кои се трудат да ги направат улиците побезбедни. Два пати неделно, тој патролира низ маалото во кое живее во западен Лондон со радар за мерење на брзината, заедно со двајца полицијаци, запишувајќи ги регистарските таблички на возачите кои го прекршуваат ограничувањето на брзината.
Само на едно место, во близина на училиштето, за еден час типично „лови“ 20 возила кои го прекршуваат ограничувањето од 30 километри на час.
„Тоа само покажува со што се соочуваме како заедница“, вели Рајан за ББЦ.
Секоја година околу 1,25 милиони луѓе умираат во сообраќајни несреќи низ светот. Брзината на возење е фактор во половината од смртоносните сообраќајки и колку возилата побрзо се движат, толку поголеми се повредите кои можат да се предизвикаат.
Досегашните пречки за возачите имаат маани. Камерите за регистрирање на брзината функционираат само на одредени места. Полицијата со радари е ефективна, но тој приод истовремено може да биде и трошење на нивното време.
Па, решението, може да биде предавање на радарот на Џон и илјадниците слични волонтери на него низ земјата, кои се организирани во групи.
Групата во која волонтира Џон се нарекува „Патна патрола на заедницата“, која ја организираат полицијата заедно со Јавното сообраќајно претпријатие на Лондон.
„Тоа е начин на кој заедницата ги враќа назад своите улици. Убедени сме дека ќе има големо влијание, без тоа да вклучува казни за возачите или судски процеси“, објаснува Сиван Хејворд, директор на секторот за транспортни политики на претпријатието.
Главната разлика на волонтерите како Џон, во споредба со полицијата, е што возачите кои се фатени во надминување на ограничувањето на брзината добиваат писмо на предупредување од полицијата во кое се наведува дека волонтер од соседството ги регистрирал како возат побрзо од дозволеното.
Писмото содржи едукациска порака и повикува на совеста на возачот, но нема друга казна, одземање на бодови или глоба. Сепак. Доколку возачите добијат три вакви писма, можат да бидат посетени на својата адреса од полицијата и нивното возило може да биде вметнато во полициската база на податоци.
Од 35.000 писма кои биле испратени во Лондон изминативе 2 години, од Јавното сообраќајно претпријатие информирале дека само 2% од возачите го повториле прекршокот.
Студија направена за оваа намена, покажува дека волонтерите за една година успеале да ја намалат просечната брзина на возење за 15-тина километри на час.