Сите пластични чинии, чаши и прибор стануваат забранети на Изоле Тремити, архипелаг на источниот брег на Италија, од денеска, 1 мај 2018 година. Секој кој е ќе биде фатен како користи пластични производи за едократна употреба на италијанските острови ќе се казни со парична казна од 50 до 500 евра, пренесува Индепендент.
Новите правила, наметнати од градоначалникот на архипелагот, Антонио Фентини, беа создадени како обид за запирање на високите нивоа на пластични честички пронајдени во водата околу островите.
„Секојдневно гледаме дека луѓето го убиваат нашето море и веднаш мораме да направиме нешто”, рече тој.
Откривањето на високи концентрации на микропластика во околината Изоле Тремити беше особено загрижувачко со оглед на заштитениот статус на островите – архипелагот лежи во заштитен морски резерват.
Фентини ги охрабрува луѓето да користат повеќекратен и биоразградлив прибор.
Сепак, пластичните шишиња сеуште се легални. Тој се надева дека и ова може да се промени, со наметнување на стаклени шишиња, а има за цел да ги забрани и чашите од полистирен.
Нивоата на пластика беа откриени со истрага од Гринпис, која пронајде 2,2 парчиња пластика на метар кубен вода, од кои повеќето се полиетилен, кој најчесто се користи за производство на пластични кеси, шишиња и пакувања.
Ова е значително повисоко ниво од просекот на Италија – 0,52 парчиња пластика во метар квадратен вода.
Сепак, пластиката не може да потекнува само од островите Тремити, бидејќи струите често го носат пластичните честички кон островите, посочува Гринпис.
„Ги повикувам градоначалниците на сите острови и крајбрежни области да го следат примерот”, рече Фентини. „Ајде сите да се обидеме да направиме нешто добро за нашата планета”.