Младите во улога на дипломати од Обединетите Нации на конференција на Коалицијата СЕГА

Коалицијата на младински организации СЕГА, денес ја организира седмата Национална Конференција на Македонскиот Модел на Обединети Нации во просториите на Универзитетот ФОН во Скопје.

Млади од повеќе градови од Македонија влегуваат во улогата на вистински дипломати на државите членки на Обединетите Нации и преку конструктивна дебата, на реални глобални прашања, ја симулираат работата на различни комитети на Обединетите Нации.

„Програмата на Македонскиот Модел на ОН ми овозможи активно да се вклучам во младинските политики на локално и национално ниво, и ми беше мотив да вложувам во градење на моите капацитети и да станам активен граѓанин во општеството“, посочува Стефан Петровски, Генерален Секретар на овогодинешната Конференција.

„Денес младите практично ги применуваат вештините кои ги стекнуваа во изминативе неколку месеци. Со ова искуство тие застануваат на првото скалило да станат идни лидери и треба да одлучат дали ќе продолжат да вложуваат во својот потенцијал. Гласот на младите, нивниот активизам и енергија можат да придонесат со иновативни пристапи за надминување на предизвиците на денешното општество“, вели Моника Илиоска Кантарџиоска, програмски менаџер на Коалиција СЕГА.

Програмата Македонски модел на Обединетите Нации ја спроведува Коалиција на Младински организации СЕГА и има за цел да се зајакнат капацитетите на младите за застапување, лобирање, дипломатија, разрешување на конфликти, јавно говорење и пишување. Младите имаат улога на делегати и амбасадори од различни држави  и дискутираат на теми од глобален карактер како прашања поврзани со бегалците, детски бракови, вработување па се до светски мир и безбедост.

Настанот претставува можност тие да се едуцираат за тековните општествени настани и дипломатијата на Обединетите Нации.