Европската Унија ќе ги забрани за употреба најупотребуваните инсектициди во светот од земјоделските површини поради нивната штетност врз пчелите.
Забраната на неоникотиноидните пестициди, која денеска ја одобрија земјите-членки, се очекува да стапи на сила на крајот на годинава, што ќе значи дека тие во иднина ќе можат да се употребуваат само во затворени стаклени градини.
Пчелите и други инсекти се од суштинско значење за глобалното производство на храна, бидејќи опрашуваат три четвртини од сите земјоделски насади. Широката употреба на пестициди се посочуваше како една од причините за намалувањето на бројот на инсекти-опрашувачи во последниве години.
Одлуката доаѓа по студија на Одделот за научно оценување ризици на Европската Унија (Ефса) за штетноста на пестицидите кои ја загадуваат земјата и водата врз пчелите, а забраната имаше и голема поддршка од јавноста, со скоро 5 милиони граѓани кои ја потпишале петицијата од кампањата Авааз.
„Забраната на овие отровни пестициди е зрак на надеж за пчелите. Конечно, нашите влади ги слушаат граѓаните, научните докази и фармерите кои знаат дека пчелите не можат да живеат со овие хемикалии, а ние не можеме да живееме без пчелите“, вели Антониа Статс од групата Авааз.
Неоникотиноидите, кои влијаат врз нервниот систем на инсектите, предизвикуваат голем број штетни последици по пчелите, како оштетување на нивната меморија и намалување на бројот на пчелите-матици.