Прогласени најдобрите оратори на Универзитетот во Битола

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) ги прогласи најдобрите студенти на третиот по ред натпревар во ораторство „УКЛО Тривиум“, на тема: „Quo vadis, студенту?  Правата на студентите во 21 – от век!“.

Во конкуренција на 15 студенти, од неколку единици на Универзитетот, првото место го освои Снежана Секуловска од Правниот факултет, второто место и припадна на Ирена Митревска Димовска, од Педагошкиот факултет, а за третопласирана беше прогласена Сара Димеска, од Економскиот факултет.

Тројцата најдобри оратори ќе го претставуваат УКЛО на Собирот на македонските универзитети. За покажаните говорнички вештини и умешност, покрај дипломи УКЛО им доделува и парични награди.

Присутните студенти, професори и гости, од името на УКЛО и ректорот Сашо Коруновски, биле поздравени од проректорката Виолета Маневска, која истакнала дека со Тривиумот УКЛО воспоставува една суптилна, модерна нишка со младите, за нивните права, потреби, нивните мислења и ставови и дека „УКЛО Тривиум“ е можност студентите да го заземат своето централно место, клучното место што им припаѓа како во Универзитетот, така и во општеството.

Настанот традиционално се одржува во рамки на одбележување на Денот на основањето на УКЛО, 25 април.