Роботи ќе преземат третина од работните места во Лондон за 20 години, покажува истражување

Скоро третина од работните места во Лондон имаат голема можност да се извршуваат од машини во следните 20 години, открива нова студија, пренесува Индепендент.

Автоматизацијата може да биде забрзана доколку имиграциските политики станат построги по Брегзит, што ќе доведе до недостаток на работници, смета соопшти тинк-тенк организацијата Центар за Лондон.

Според нивните проценки, едно од секои пет работни места имаат среден потенцијал за автоматизација, додека 48 проценти од работните места имаат мал потенцијал за тоа.

Луѓето на работните места за кои е потребна ниска или средна квалификација најверојатно ќе бидат засегнати од зголемената употреба на вештачка интелигенција и други технологии. Најпогодени ќе бидат вработените во продажба на мало и големо, транспортниот сектор и складиштата, хотелиерството и прехранбениот сектор, дејности кои вработуваат милион луѓе во англискиот главен град.

Ова се истовремено и секторите кои најмногу зависат од странски работници – 32% од градежните работници и 35% од дејностите во прехранбената индустрија и хотелиерството се работници од земјите од Европската Унија надвор од Велика Британија.

Овие дејности истовремено се слабо платени и често вработуваат преку неформални процеси. Студијата вели дека, како последица на ова, тие можат да се најдат во проблем да се прилагодат на новите режими за работни дозволи откако Британија ќе ја напушти Европската Унија, по што ќе бидат задолжителни минимални плати и работни апликации пред пристигањето во земјата. Ова може да ја засили пазарната логика за развој на автоматизација.

Студијата сепак тврди дека економијата на Лондон и неговите работници се релативно добро позиционирани за прилагодување кон променливоста на работните места, поради високите квалификации и присуство на силни, специјализирани сектори.

„Ќе има губитници и победници – нискоквалификуваните работници, кои вршат рутински работи можеби ќе ја изгубат работата, а други пак ќе имаат проблем да ги развијат вештините потребни за нивните нови улоги. Владата, училиштата, факултетите и работодавачите мораат да работат заеднички за да се осигураат дека вештините, законите и социјалните политики ќе бидат поставени за засилување на човечкиот капитал на Лондон и истовремено да ги засилат и просперитетот и праведноста“, вели Ричард Браун, директорот на истражување од Центар за Лондон.