Мајсторот на „полноќните филмови“, чилеанско-францускиот режисер, сценарист, писател и духовен гуру, Aлехандро Ходоровски преку краундфандинг кампања собира средства за новиот филм „Psychomagic, an art that heals“ („Психомагија, уметност која лечи“).
Надреалистот Ходоровски со своите два последни филмови „The dance of reality“ и „Endless poetry“ го врати статусот на еден од најголемите уметници што воопшто твореле за филмското платно, а „Psychomagic“ е најавен како продолжение на таквото кинематографско терапевтско доживување.
„Филмот со вистински акти ќе покаже што навистина е психомагијата, нејзините принципи, како се практикува и работи. Луѓето што стојат зад актите се вистински страдалници и желни да ги решат проблемите преку психомагија“, стои во краудфандинг кампањата.
За Ходоровски, многу од нашите проблеми и неврози доаѓаат од бариерите создадени од нашето општество, семејство и култура, а тоа нè спречува „да бидеме вистински самите ние“.
„Многу болести, неврози и разни страдања се појавуваат од психолошки причини, каде психомагијата дејствува врз несвесното преку театарски дела. Многу години оваа терапија се практикува и дава впечатливи резултати. Психолозите и психијатарите ја применуваат работата на Ходоровски за своите пациенти. Уметниците и режисерите исто така беа инспирирани од оваа терапија за нивната работа“, се вели во краудфандинг кампањата.
Со „Psychomagic“, Ходоровски сака да оди дури и подалеку, да надминува фикција снимајќи реалност, а во филмот нема да има актери, туку „луѓе што изразиле страдање со волја за исцелување“.
„За овој филм ќе има манифест, преку хуманистичка намера, а тоа е уметнички став. Употребата на вистински елементи, без артифицијалност или актери, со неговата спиритуална содржина снимана од мала и страстна екипа, се есенцијални за да се зачува интегритетот и автентичноста на филмската акција. Ни требате за да правиме слободен и независен филм“, стои во кампањата.
Според режисерот, потребата за изразување е многу поважна од видот на филмот. Она што го правам, не е за да заработим за мојот живот, вели тој, туку да се изразам.
„Јас не сум принуден да продавам, ги правев филмовите затоа што имав нешто да кажам. Не мислам на инвеститорите, на индустриите или на комерцијализацијата, туку дека треба да се изразам. Барам во себе да најдам што е најдобро во другите. Верувам дека кинематографската уметност е како врата за луѓето што го гледаат филмот, врата за да го најдат своето вистинско јас. Така ќе ви кажам што знаете, но дека не се сеќавате“, вели Ходоровски.
Филмот на Ходоровски може да го поддржите ТУКА.
Бојан Шашевски