Лебеди-роботи го тестираат квалитетот на водата во Сингапур

Со помош на машини кои личат на лебеди во Сингапур почна да се тестира квалитетот на водата за пиење на резервоарите, објавија азиските медиуми. Според „Канал њуз Азија“ пет лажни птици се пуштени во резервоари кои служат за да го следат квалитетот на водата, како дел од проектот SWAN- Smart Water Assessment Network)

Тие се дизајнирани да изгледаат како вистински лебеди, така што тие ќе се вклопат во нивната околина. Додека лебдат заедно на површината, под нив има систем на пропелери и опрема за земање на вода, при што користат безжична технологија за испраќање резултати во реално време во Националната агенција за вода.

Професорот Мандар Чит од Националниот универзитет во Сингапур, дел од тимот кој ги дизајнираше лебедите – роботи вели: „Почнавме со голем број помали модели на птици, пред да се одлучиме за лебед. Тоа е вистинската големина. Ако го погледнете во околината, изгледа како да плови лебед.“

Според развивачите на машините, лебедите се доволно силни за да преживеат средби со кајаци и мали чамци. Но, нивната главна предност е тоа што Агенцијата веќе не мора да праќа свои научници во брод за рачно собирање примероци на вода.

Роботите се дизајнирани да бидат колку што е можно автономни и да опфатат широк простор на вода без човечка интервенција. Сепак, истражувачите посочуваат дека можат да ги контролираат лажните лебеди со далечинска контрола, за ако треба да ги повикаат за надградби или поправки.