Геј принц од Индија ја отвори својата палата за ранливи ЛГБТ лица

Манвендра Син Гохил, отворено декларираниот геј принц од Индија, каде истополовите врски се нелегални, ги отвори вратите од својата палата за лезбијки, хомосексуалци, трансродови лица и други Индијци кои се под напад поради нивната сексуална ориентација.

Принцот, кој е наследник на кралско семејство од западната провинција Гуџарат, изјавил дека било особено тешко да се биде отворен во врска со сексуалноста во мал град во Индија, каде традиционалните вредности имаат силно влијание, а единствено дозволени се хетеросексуалните врски.

„Луѓето сè уште се соочуваат со голем притисок од нивните семејства кога ќе ја декларираат својата сексуална ориентација, принудени се на брак или се бркаат од домот. Тие често немаат каде да одат, ниту начини да се издржат себеси“, рекол тој за Ројтерс.

52-годишниот принц гради центар за лезбијки, геј, бисексуалци и трансродови лица (ЛГБТ) на темелите на неговата палата наследена од предците.

„Нема да имам деца, па си помислив, зошто да не го искористам овој простор за добра цел?“, изјавил Гохил, додавајќи дека ќе понуди соби, медицинска помош и курсеви по англиски јазик и комуникациски вештини на луѓето за тие да можат полесно да најдат вработување.

Гохил ја соопштил дека е геј на своето семејство пред повеќе од една деценија, што предизвикало неговата мајка да се откаже од него преку оглас во весник. Поранешните припадници на кралските семејства во Индија уште се влијателни, држејќи голем број позиции во владата на Индија.

Откако отворено ја соопштил својата сексуална ориентација, Гохил покренал хуманитарна организација за ЛГБТ лица и станал гласноговорник за геј правата. Имал голем број меѓународни гостувања, меѓу кое и учество во шоуто на Опра Винфри.

Принцот е гласен критичар на законот од ерата на колонизираната Индија, која го смета за кривично дело обостраната сексуална врска меѓу истополови лица. Претходно, оваа недела, највисокиот индиски суд соопшти дека ќе одлучува одново по нивната одлука од 2013 година за законот да остане на сила.

„Повлекување на законот ќе охрабри многу луѓе да бидат отворени во својата сексуалност и да ги живеат слободно своите животи. Но, тоа може истовремено да значи повеќе луѓе на кои им е потребна поддршка“, рекол Гохил.

Тој посочил и дека ја реновира и проширува палатата, изградена во 1927 година на површина од 6 хектари, инсталирајќи соларни панели за енергија и зачувувајќи дел од земјата за органско земјоделство.

Центар за ЛГБТ поддршка е финансиран од краудфандинг кампањи и донации, кои се управуваат од хуманитарната организација.

Високата титула на Гохил била од огромна помош на ЛГБТ заедницата во Индија, изјавил Хариш Ијлер, активист за ЛГБТ права, кој има радио емисија посветена на овие прашања.

„За него, да се биде еден од нас, влогот е уште поголем, па отворањето на палатата е одличен гест. Среќни сме што имаме многу ЛГБТ-пријателски места во градовите како Мумбаи и Делхи. Но, во помалите градови, нема многу такви места, а таму се најпотребни“, изјавил тој.