Облеката на жртви на силување изложена на изложба во Брисел

Изложба во Брисел ја прикажува облеката што ја носеле жртви на силување за време на нападот, со цел да му се спротивстави на митот дека провокативниот фустан е фактор за насилните сексуални злосторства.

Насловена како „Дали јас сум крив/а?“, изложбата се однесува на недовербата што ја имаат жртвите кон себе по нападот.

Облеката, која им била позајмена на организаторите вклучува долен дел тренерки, пижами и фустани.

Лајсбет Кенс од групата за поддршка на жртвите од сексуална злоупотреба изјави: „Она што веднаш ќе го забележите кога одите наоколу: сите тие се многу нормални алишта што некој би ги носел“.

„Има дури и детска блуза со слика од ‘Моето мало Пони“ на изложбата, која дава до знаење за суровата реалност“, рече таа.

Кенс вели дека „обвинувањето на жртвите“ се уште останува проблем во случаите со сексуална злоупотреба, каде жртвата е обвинета дека делумно ја носи вината за сексуалниот напад.

Таа вели дека само 10 отсто од случаите на силување во државата се пријавувани во полицијата, и дека од нив, само еден во десет случаи завршува со пресуда.

„Зад тие статистики се луѓе од крв и месо, жени, мажи и деца“, вели Кенс.

„Нашето општество ги обесхрабрува жртвите да зборуваат за нивните искуства“.

Жртвите се обвинувани дека се облекуваат провокативно, дека флертуваат, па дури и за тоа дека возат велосипед доцна навечер, додека Кенс вели: „Има само една одговорна личност за тоа, една личност која може да го спречи силувањето – сторителот“.