Уште 4 дена за пријавување на „Trash Fashion Macedonia 2013“

Остануваат уште четири дена за пријавување на манифестацијата „Trash Fashion Macedonia 2013“, модната ревија  на која средношколци ќе се претстават со свои креации на облека и модни додатоци направени од старата хартија, пластика, облека, кеси и други веќе употребувани материјали.Уште 4 дена за пријавување на „Trash Fashion Macedonia 2013“

Манифестацијата, која има натпреварувачки карактер, по третпат ја организира здружението на граѓани ОХО во соработка со Министерството за образование и наука, а по повод 5-ти јуни,  Светскиот ден на животната средина.

Годинава секое училиште ќе може да учествува со еден моден дизајн кој ќе го изработуваат тим ученици водени од училишниот  наставник. Оваа активност вклучува собирање материјали за изработка на облеката и модните додатоци, скицирање и креирање на самиот модел, соопштуваат од ОХО.

Целта на настанот, покрај приклучувањето кон светските напори и акции кои се спроведуваат на овој ден е подигнување на свеста кај учениците и пошироката заедница за значењето и зачувувањето на природата и реупотребата на отпадот.  Идејата исто така претставува еден начин со кој се анимираат учениците да се вклучат во изработка на облеки и модни додатоци, со што тие стекнуваат знаење и навики за реупотреба на материјалите, пренесе агенцијата Макфакс.

Училиштата може да се информираат за иницијативата и да се регистрираат за учество на интернет страницата www.nrp.org.mk. Пријавувањето завршува на 22-ри февруари, во 12 часот.